Ова е последна шанса за проектот за регионалната депонија во Свети Николе да успее, бидејќи, како што поминува времето се губат средствата од ИПА, а се зголемува националното учество што значи дека овојпат мора да се склучи договорот, велат од Министерството за животна средина.

Во моментов во тек е постапката за евалуација на компаниите кои се пријавиле на јавниот повик за избор на фирма што ќе треба да ја гради првата регионална депонија по европски стандарди во земјава. Ова е втор повик, откако првиот пропадна заради слаба заинтересиранот. Во повторениот повик, што заврши на крајот на април, како што велат од Министерството, имало многу поголем интерес од компании и подобри понуди, а евалуацијата треба да заврши до крајот на јуни.

Според Весна Индова, раководител на Секторот за ИПА фондови, ова е последната шанса за успешна реализација на овој проект и заради тоа што, во втората фаза е предвидено уште едно финансирање преку ИПА 3, каде се одвоени средства со кои ќе треба да се затворат нестандардните депонии кои во првата фаза продолжија да работат и со кои ќе се набават големи камиони кои ќе транзитораат од претоварните станици до централната депонија, а ќе треба да се купат и контејнери.

„Претходната тендерска постапка беше неуспешна заради слаба заинтересираност на компаниите. за среќа сега е поголема и има понуди во рамки на планираниот буџет, заради што се надеваме дека оваа ќе биде успешна“, вели Индова.

Локацијата каде треба да се гради регионалната депонија близу Свети Николe | Фото: Мета.мк, мај 2024 г.

Таа апелираше до градоначалниците на сите 18 општини многу повеќе да се ангажираат за да профункционира регионалното претпријатие со оглед на тоа што преку ИПА проект се изработи целокупната документација со која двата региони се подготвија како да работат со него.

Во моментов, според Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за отпад, регионалното претпријатие за управување со отпад, што го формираа општините од Источниот и Североисточниот регион функционира, но се уште има само еден вработен, директорот. Треба да се формираат нов Управен и Надзорен одбор според условите во новиот закон за јавни претпријатија, а општините ќе треба да одвојуваат од буџетите за да може да функционира, додека не започне со работа новата депонија.

Првиот тендер за регионалната депонија пропадна во октомври минатата година. Според извештајот на Државниот завод за ревизија објавен во јуни лани, проектот за Свети Николе ќе ја чини државата 40 отсто повеќе заради пролонгирањето на роковите и доцнењето на третата фаза, за која се распиша овој тендер. Според ДЗР, во третата фаза од проектот кој вклучува изградба на регионалната депонија и трансфер станиците, државата ќе треба да учествува со 65 отсто од средствата, а европските фондови со 35 отсто, наместо првично предвидените 85 од ЕУ и 15 отсто од буџетот. Инаку, вкупната цена на центарот за третман на отпад изнесува 48,4 милиони евра, но во тие средства се вклучени и првите две фази од проектот, односно набавка на инфрструктура и затворање на дивите депонии.

Депонијата во Свети Николе треба да биде првата од предвидените пет регионални депонии, со кои, според европски стандарди ќе треба да се третира отпадот во земјава. Освен таа во Свети Николе, такви се и депонијата Русино за Полошкиот регион, депонијата Мегленци во Општина Новаци за Пелагонискиот и Југозападниот регион, депонијата Доброшинци за Вардарскиот и Југоисточниот регион и скопската Дрисла.

Според проектот во Мечкуевци, Свети Николе ќе се гради една централна постројка за управување со отпад, како и шест претоварни станици во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и во Берово. Центарот ќе треба да опслужува околу 370.000 лица од кои се генерира отпад од околу 112.094 тони годишно. Домаќинствата ќе имаат две корпи, за отпад што се рециклира и за мешан отпад. Градинарскиот отпад ќе се собира одделно и ќе се носи на компостирање. Предвидено е да се постави и мрежа за извлекување биогас од депонијата за понатамошна енергетска употреба.