Денеска почина маж на 69-годишна возраст, втора жртва на корона вирусот во Прилеп, а тројца се новозаразени. Како силна поддршка на мерките на локално и централно ниво, од денеска е вклучена и армијата. Во центарот на градот од изутрината има војници. Пред маркетите и банките има ставено налепници, со порака „Стој овде“, на пропишаното растојание од 2 метра, со цел граѓаните безбедно да чекаат во ред.
На седницата на општинскиот кризен штаб, присуствуваа вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, координаторот на главниот кризен штаб, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Нивното присуство е на барање на градоначалникот Илија Јованоски, откако бројот на заразени во Прилеп во последниве три дена се зголеми за 25, така што вкупниот број на заболени достигна 75 лица.
– Одговорот од Армијата стигна експресно, така што од утринските часови петнаесетина припадници на Армијата беа распоредени онаму каде што најмногу се создаваа гужви – пред банките и маркетите. Тоа, заедно со поставените налепници на кои пишува ‘Стој овде’, даде резултат. Сакам да напоменам дека присуството на Армијата граѓаните не го чувствуваат како страв, туку како сигурност – рече градоначалникот Јованоски, апелирајќи пред почетокот на велигденските празници граѓаните да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство и Општинскиот кризен штаб.
Вицепремиерката Шекеринска рече дека АРМ со своето присуство ја изразува поддршката, но сепак без заедничка одговорност не може да се добие битката со корона вирусот.
– Задачата на Армијата не е да создаде страв, туку почитта која нејзините припадници ја уживаат кај граѓаните, да помогне при создавањето на ред. Сакам да ѝ честитам на Општина Прилеп, која е прва општина во државата што ги обележа местата пред маркетите и банките, со што им препорачува на граѓаните каде да стојат и да ја почитуваат дистанцата – потенцираше Шекеринска.
Вицепремиерот Османи, ја акцентираше улогата на локалните мерки, покрај централните во борба со пандемијата.
– Како координатор од Владата, сакам да потенцирам дека ги ставаме на располагање сите механизми кои им се потребни на општинските кризни штабови, со цел да ја локализираме оваа зараза и сите заедно да излеземе посилни од неа – изјави Османи.