Втора Парада на гордоста во Скопје (ГАЛЕРИЈА)

Парада на городста
Фото: Гоше Николов / Мета.мк

Под мотото „Вон ѕидовите“ денеска во Скопје се одржа втората парадата на гордоста – Skopje Pride 2021.

По една година пауза поради пандемијата, годинава над илјада поддржувачи се собраа во главниот град на, како што велат, протест против опресивните политики, хомофобијата и трансфобијата, но истовремено и прослава за надежите за едно посолидарно и поправедно општество.

Високите температури не ги спречија припадниците и поддржувачите на ЛГБТИ заедницата да излезат и да го кренат гласот за славење на различностите, љубовта, еднаквоста и слободата.

Со знамиња, трансперенти и музика, Прајдот започнаа во 10 часот во паркот Жена Борец, а оттаму присутните низ центарот на градот маршираа кон „Школка“ во Градски парк, каде што подоцна се одржа забавниот дел од настанот.

Поддржувачите, меѓу другото, преку транспарентите порачаа и дека „нема повеќе криење“ и дека „убавината е во диверзитетот.“

На скопската Парада на гордоста годинава присуствуваа и претседателот на државата Стево Пендаровски и министерките Рамила Шеќеринска, Јагода Шахпаска и Мила Царовска.

Од организацијата на годинешниот Прајд истакнаа дека пандемијата во изминатиот период на сите во општеството им покажала како е да се живее во ѕидовите и дека сите научиле како ЛГБТИ заедницата е затворена и живее во ѕидови, но не по свој избор.

Парада на гордоста
„Бидете свои, бидете искрени, полни со љубов и енергија и нема да има никакви ѕидови“, порача Васил Гарванлиев кој го отвори забавниот дел од Skopje Pride 2021 / фото: Гоше Николов / Мета.мк

Години наназад луѓе од ЛГБТИ заедницата се физички напаѓани, трпат семејно насилство и се жртви на драстичен говор на омраза и закани, а од јавното обвинителство, полицијата и другите институции молчат, рече во своето обраќање активистката Елена Петровска од коалицијата „Маргини“, која е дел од организацискиот одбор на Скопје Прајд.

„Тој молк сака да нѐ избрише и раѓа насилство врз нас и затоа бараме суштинска промена во постапувањето кон овие дела како за секој еден граѓанин. Ние не сме граѓани од втор ред. Месецот на гордоста нѐ враќа малку во минатотот, нѐ тера да видиме до каде сме стигнале, каков напредок сме оствариле, како ќе продолжиме понатаму“, истакна Петровска.

Таа порача дека е потребно итно донесување на Законот за правно признавање на родот, затоа што „за човековите права не се дебатира и никој не е должен да ја докажува неговата човечност за да биде заштитен од системот“. Петровска се осврна и на десничарските политики и пропагандата со лажни информации, за кои рече дека сакаат да ја извртат сликата за припадниците на ЛГБТИ заедницата во општеството и да ги претстават како штетници.

„Колку повеќе таа пропаганда и напади се големи и силни, толку повеќе нашиот отпор ќе биде посилен. Никој од нас не смее да нѐ сведе на идеологија, ние сме човечки битија кои заслужуваат еднаквост и почит. Никој и ништо нема да нѐ спречи во нашата броба, да ни ја одземе енергијата и да нѐ отргне од патот на нашата слобода, затоа што ние имаме љубов и сила“, порача Петровска.

Бесмислено е во 21 век да му се оспоруваат правата за нормален достоинствен живот на некој граѓанин или граѓанка, порача Маја Морачанин, координаторка на интерпартиската парламентарна група за унапредувње на правата на ЛГБТИ луѓето.

„Затоа пораката која ја праќаме на овој Скопје Прајд е да се сопре со дискриминацијата врз ЛГБТИ луѓето, со говорот на омраза, насилството од омраза, стигматизацијата“, рече Морачанин.

Парада на гордоста
фото: Гоше Николов / Мета.мк

Од „Школка“ во Градски парк се обрати и Марија Костадиновска, која се претстави како мајка на Ана и порача дека за да излезат децата од ѕидовите, потребно е малку да помогне и родителот.

„Како што рекол поетот Мика Антиќ – сакајте ги своите деца и кога се виновни, затоа што животот ќе ги казнува и кога не се. Тие се криви, во наводници, затоа што се свои, затоа што се толку многу независни, затоа што знаат кого сакат и ние како родители мораме тоа нешто да им го овозможиме за да можат животот да го преживеат како треба“, порача Костадиновска.

Парадата на гордоста, која во Скопје за првпат се одржа во 2019 година, е во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.