Втора акција „Децата заслужуваат повеќе“ на „Штип Арт Активизам“, поставени уште две фигури во паркот „Пролет“

фото: Штип Арт Активизам

Активисти на неформалната група „Штип Aрт Aктивизам“ ја спроведоа втората дополнителна акција на тема „Децата заслужуваат повеќе“, на постојната локација во штипскиот парк „Пролет“, со посебен фокус на децата со пречки во развојот. Поставени се уште две фигури, на крокодил и на фока, информираа од „Штип Арт Активизам“, поради големиот интерес и поддршка од граѓаните.

„Во меѓувреме се работи на репарирање на фигурата од жирафа која беше уништена и искршена од вандали. Оваа акција ја дополнува претходната инсталација која се состоеше од четири животни изработени по калап од цемент и обоени во оригинални бои“, велат активистите.

На сите поставени фигури е поставено објаснување со брајова азбука за да можат децата со проблеми со видот да научат нешто повеќе за животните.

За спроведувањето на активностите се консултирани стручни лица за децата со пречки во развојот, направени се претходни истражувања, контактирани се дефектолози, уметници, активисти, претставници на здружението „Сплотени срца“ од Штип, здружение на родители на деца со потешкотии во развојот. „Посебен придонес за спроведување и создавање на оваа инсталација има претседателот на „Сплотени срца“, Зоран Мијалков. Тој даде значаен поглед на специфичните потреби на децата и на тоа како може да се задоволат потребите за безбедност, но и за забава“, стои во соопштението на „Штип Арт Активизам“.