Денеска се одржува вториот круг од локалните избори во Македонија и ќе се гласа на 1.517 избирачки места во 35 општини, каде право на глас имаат 833.710 граѓани.
Во Скопје ќе се гласа на 387 избирачки места, а право на глас имаат 260.194 граѓани во општините каде што во овој круг се избира градоначалник, а тоа се Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Чаир и Шуто Оризари. Во другите 29 општини во Македонија, во вториот круг ќе гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.
Во сите избирачки места, гласањето почна навреме, во 7 часот, и ќе трае до 19 часот. Прес-конференциите на Државната изборна комисија се закажни за во 11, 14, 18 часот, а по 19 часот резултатите ќе се следат во живо на нивната веб-страница.
ДИК, за вториот круг од локални изборите, акредитираше 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари.
Граѓанската асоцијација „Мост“ изборите ќе ги следи со повеќе од 1.000 набљудувачи и нивните прес-конференции се закажани за 9.30, 13, 17 и 20 часот.
На завршните митинзи пред да настапи изборниот молк, лидерите на најголемите политички партии повикаа на фер и демократски избори и во вториот круг на гласањето.
Во првиот круг на локалните избори беа избрани градоначалници на Градот Скопје и на 45 општини.