Втор извештај на ЕУ за владеење на правото: Kон превенција или санкции?

-

Во екот на летото, пред околу една седмица, Европската комисија го објави вториот извештај за владеењето на правото во ЕУ. Тоа следеше само еден месец откако се затвори кругот по претходниот извештај, со Резолуцијата на Европскиот парламент од 24 јуни 2021 година.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Резолуцијата на Европскиот парламент за минатогодишниот извештај во голема мера ги одрази залагањата и критиките од стручните кругови и граѓанскиот сектор. Во нив најпрвин се настојува извештајот да биде посеопфатен и да ги покрива сите вредности од членот 2 на Договорот за Европската Унија, како и да ја има предвид листата на проверка за владеење на правото на Венецијанската комисија.

Резолуцијата се залага Извештајот да содржи и препораки за секоја држава. Една од клучните критики беше што во Извештајот тешко се разликуваат системски прашања на кршење на владеењето на правото од прашања кои се спорадични, изолирани случаи. Конечно, Европскиот парламент бара сите механизми за владеење на правото на ЕУ да бидат комплементарни и поефикасни.

Интересно е што оваа Резолуција содржи и препорака да се вклучат извештаи за државите кандидати и потенцијални кандидати. Тоа секако методолошки не би било тешко, зашто Комисијата веќе го има системот на редовно следење и оценување на овие држави. Ова секако би било и полезно за државите кандидати и потенцијални кандидати да можат да се споредат по истите репери. Сепак, прашање е колку ќе има политичка волја за ваков потег.

Да се вратиме на содржината на овогодишниот извештај. Вториот извештај ја задржува методологијата на првиот извештај и ги покрива областите правосуден систем, анти-корупциска рамка, плурализам и слобода на медиумите, како и други институционални прашања што се поврзани со механизмите на контроли и рамнотежа. Како и минатата година, покрај општиот Извештај за целата Европска Унија објавени се и посебни извештаи за секоја од 27-те држави членки.

Сега веќе може да се следи и да се споредува состојбата во однос на минатиот извештај. Таа споредба доведува до согледувања на разлики меѓу држави членки – пред сѐ во однос на тоа како реагирале на критиките од првиот извештај. Унгарија и Полска, за кои е веќе покрената постапка во согласност со членот 7 став 1 од Договорот за ЕУ – таканаречениот превентивен механизам за владеење на правото – остануваат упорни и во игнорирањето на критиките и препораките на Извештајот. Полска не ги спроведува ни времените мерки на Судот на правдата на ЕУ кои се однесуваат на предмет за независноста на судиите.

Критиките на ЕК се однесуваат и на влошената позиција на новинарите, а се констатира генерално дека системот на рамнотежа и контрола е под „сериозен притисок“. Ниту унгарските власти не реагираат на критиките на ЕК, особено за натамошното загрозување на независноста на судството, за независноста и плурализмот на медиумите, како и за.притисокот кон невладините организации кои се критични за Владата.

Загрижуваат сериозните критики на поранешната држава лидер од регионот на Југоисточна Европа и сегашен претседавач на ЕУ – Словенија. Извештајот констатира влошување на состојбата со независноста и плурализмот на медиумите, како и заплашување на новинарите.

Што се однесува пак до Бугарија, и покрај фактот што усвоила Акциски план по повод Извештајот на ЕУ за владеење на правото, констатациите на Извештајот практично укажуваат дека реформите во судството „тапкаат во место“, додека анти-корупциските политики не резултираат со решени високопрофилни предмети на корупција.

Некои држави, пак, реагирале на клучните критики на ланскиот Извештај на ЕУ. Во нив се вбројуваат во прв ред Словачка и Малта, кои презеле мерки особено за зајакнување на независноста на судството.

Ваквите ефекти на Извештајот на ЕК за владеење на правото им даваат за право и на критичарите и на поддржувачите на овој механизам. Критичарите ги земаат примерите на државите кои остануваат глуви за критиките на ЕK и укажуваат дека практично нема санкции за „непослушните“, дека тие се премногу бавни или дека ЕУ не ги користи ни оние санкции што ѝ се на располагање.

Ова дебата не е само теоретска, зашто вистински тест ќе биде примената на условеноста на владеење на правото за користењето на средствата на ЕУ. Изјавите и на Вера Јоурова (Věra Jourová), потпретседателка на Комисијата за вредности и транспарентност, како и на комесатор за правда Дидие Рејндерс (Didier Reynders)  јасно укажуваат дека акцентот ќе биде на санкции, не само на превенција.

Како и да е, темата на владеење на правото станува линија на длабоки подвојувања во ЕУ.

Британска амбасада: Почеток на нова ера во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија

Со потпишувањето на новото партнерство Влада со Влада, денес започнува нова ера во односите помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, соопшти Британската амбасада во Скопје. Како што велат од таму, партнерството...

Зеленски разговарал со Сиљановска Давкова за самитот Украина – Југоисточна Европа во Одеса, не е јасно дали таа ќе учествува

Украина го подготвува четвртиот Самит „Украина – Југоисточна Европа“, кој годинава е планирано да се одржи во Одеса, Украина. За таа цел украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека разговарал со...

Македонија потпиша договор за економска соработка со Обединетото Кралство

На 22 мај 2025 година, во Лондон, вицепремиерот Александар Николоски, во име на Владата на Република Северна Македонија, го потпиша Договорот Влада со Влада за политичка и економска соработка со Обединетото...

Каја Калас утре во Скопје на средба со премиерот Мицкоски

Високата претставничка на Унијата, Каја Калас најави дека ќе се ангажира со владите во Србија, Косово и Македонија за нивниот пат кон ЕУ, а утре во Скопје ќе се сретне со...

Британска амбасада: Почеток на нова ера во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија

Со потпишувањето на новото партнерство Влада со Влада, денес започнува нова ера во односите помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, соопшти Британската амбасада во Скопје. Како што велат од...