Пишуваат: Антонија Јаневска и Гоше Николов
Поради сообраќајниот хаос и колапсот во јавниот превоз кој настана вчера, а кој продолжи и денеска, голем број студенти во Скопје утрово воопшто не успеале да стигнат на предавања или полагања на факултет. Додека некои чекале автобуси и повеќе од еден час, други се жалат на пренатрупаност во автобусите на ЈСП Скопје. Дел од студентите биле принудени да користат такси или да си организираат заеднички превоз за да стигнат до факултет. Некои професори, пак, дури и ги откажале денешните предавања.
Со такси, електрични тротинети или организирани во сопствени возила – секој студент утрово на свој начин се обидел да се снајде за да стигне на предавање или полагање во колоквиумската недела која на некои факултети трае сè уште. Поради хаосот во јавниот превоз кој вчера достигна ново ниво, дел од студентите велат дека овие два дена воопшто и не стигнале на факултет.
На анкетата објавена на Инстаграм страницата „Студентарија“, студентите сведочат за голготата која ги демне втор ден.
„Апсолутно катастрофа! Пишува дека ќе дојдат 15 автобуси, а се појавува само еден“
„Не стигнав на факултет затоа што немаше ни такси. Едноставно немаше како да се стигне на факултет“
„Не стигнав, чекав речиси цел саат и си отидов дома“
„Заради вчерашното искуство, не ни отидов денес“
„Каков јавен превоз, патот под нозе, за 1 час и 10 минути стигнав на факултет. Одлично искуство за ранобудници“
„Се чека најмалку 40 минути, многу е гужва и мислам дека движат само електричните автобуси“
„Општ хаос на автобуските постојки, нервози и караници“, се дел од одговорите на студентите во Скопје.
„Ниту пари за такси, ниту нерви за ЈСП“
Тие велат дека задоцниле или воопшто не стигнале на предавања. Други, пак, пропуштиле да полагаат и колоквиум. Свесни за ситуацијата со јавниот превоз, некои професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги откажале и денешните предавања.
Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ) вчера соопшти дека испратиле ултиматум до Град Скопје. Според анкетата што ја спровеле, а на која велат дека одговориле над 3.000 студенти, 84 отсто рекле дека во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а речиси 70 отсто чекале над дваесет минути.
Дополнително, над 93 отсто од студентите одговориле дека не се задоволни од квалитетот на јавниот превоз.
Со ултиматумот, студентите на Град Скопје и ЈСП Скопје им даваат рок до крајот на денешниот ден да воспостават „итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во Скопје, со цел зачувување на интегритетот на студентите и студентскиот стандард.
„Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитимно тело кое претставува над 28.000 студенти при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје, Универзитетското студентско собрание ќе се приклучи масовно на организираниот протест во петок, на 22 ноември, на кој ќе го изразиме огромното незадоволството од менаџирањето на јавното сообраќајно претпријатие Скопје – Скопје“, се вели во документот што го објави УСС УКИМ.
Во време кога јавниот превоз не функционира, граѓаните на социјалните мрежи сами си го бараат спасот и организираат превоз за да стигнат до работа.
Низ групи и објави на Фејсбук, неколку профили кои имаат слободни места во кола, нудат превоз за сограѓаните, а во коментари, сè повеќе луѓе се вклучуваат на иницијативата.
„Жени прочитав дека нема да има утре автобуси, јас утре одам накај работа околу 6.25. Тргам од Марино кај Злате, возам по автопат, автобуска Коце и продолжувам по мостот „Беласица“, Бриколаж и хотел „Русија“ и поминувам кај Мајчин дом, ако некоја има што и треба превоз во тој правец, максимум можам 3 жени да земам затоа што имам позади бебе во седиште ама ќе се стуткаме. Пишете ми“, вели една жена во група на Фејсбук.
На нејзината објава има повеќе од 400 коментари.