fbpx

Вселенската Патријаршија ја призна МПЦ-ОА како канонска, последното ниво пред автокефалност

-

На седница на Светиот Синод на Вселенската патријаршија вчера е донесена одлука свештенството и верниците на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) да се примат во евхаристиско (литургиско) единство, односно ја признава како црква со своја организација, но која не е автокефална. Прифаќањето на МПЦ-ОА е под името „Охридска“, со Господин господин Стефан како нејзин поглавар, се вели во објавата на одлуката на веб-страницата на Вселенската патријаршија.

„Се прифаќа во евхаристиско заедништво јерархијата, свештенството и народот воден од архиепископот Господин Стефан, зацелувајќи ја раната на шизмата. За таа цел, се издаваат соодветни патријархални и синодални акти. Се признава името на оваа црква како „Охридска“ (што значи нејзината јурисдикција е само во границите на територијата на државата Северна Македонија, исклучувајќи го терминот „македонска“, и вклучително и други изведенки). Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди административните прашања меѓу неа и црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот ред и црковното предание“, се вели во соопштението, во кое се наведува дека одлуката е донесена по повиците од „тамошната црква“ како и повторените повици на државата Северна Македонија.

Со овој чин Вселенската патријаршија ја признава каноничноста на МПЦ-ОА и ја става во рангот на другите цркви со кои е во единство. Сепак, уредувањето на меѓусебните односи меѓу СПЦ и МПЦ-ОА се поставува како проблем, имајќи предвид дека српската црква досега ја смета МПЦ-ОА за расколничка, а за канонска црква во Северна Македонија ја признава единствено Православната Охридска Архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски.

Според „Нова ТВ“, денеска седница одржува Синодот на МПЦ-ОА. Засега нема реакција на ПОА на одлуката на Вселенската патријаршија. И од СПЦ досега нема реакција.

Спорот на сегашната МПЦ-ОА и СПЦ датира од 1967 година, кога, како што вели српската црковна хиерархија низ годините, се случува шизма со прогласување автокефалност на Црквата во тогашна Социјалистичка Република Македонија. Обиди за решавање на спорот имаше на почетокот на овој милениум – во 2022 година, кога беше склучен Нишкиот договор – МПЦ да се врати во состојба на автономија, а дури потоа да добие томос за автокефалност. Откако под притисок на јавноста МПЦ се повлече од договорот, СПЦ го повика свештенството и верниците во Македонија да се вратат во канонско единство со СПЦ, на што одговорија единствено тогашниот Повардарски владика на МПЦ, Јован Вранишковски и некои монаси и верници, по што се формираше Православната Охридска Архиепископија.

Патот до целосна автокефалност што би била прифатена од сите православни цркви во светот би била доделување томос за автокефалија, што според сигналите од Фанар, би можела да го направи Вселенската патријаршија доколку СПЦ цврсто застане против идејата македонската црква да стане автокефална. СПЦ досега инсистира дека таа е црквата што може да додели томос за автокефалност на „македонската црква“

Руската Православна Црква, која за неколку крупни црковни прашања е на дијаметрално спротивна страна на Вселенската патријаршија, веднаш по одлуката на Фанар порача дека не ја признава одлуката на Вселенската патријаршија и ги признава исклучиво канонските права на СПЦ во Северна Македонија. Спорот меѓу двете патријаршии се продлабочи пред неколку години, кога Вселенската патријаршија ја призна Православната Црква на Украина, која со децении го имаше и уште го има истиот спор со РПЦ како МПЦ-ОА со СПЦ.

Додека се чека реакција од СПЦ, потсетување дека пред две недели, далеку од јавноста, во Ниш веќе се одржала заедничка средба меѓу високи претставници на СПЦ и МПЦ-ОА, што значи дека по долго време студени односи, повторно се заживеани напорите за надминување на спорот.

Благодарност за внесување во канонско единство на МПЦ-ОА до Вселенскиот патријарх упати македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

„Сакам да упатам голема благодарност до Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј што направи големо дело, покажа голема грижа за еден голем православен народ и Вселенската Патријаршија со овој чин потврди дека стојат на историската мисија и одговорност. Иако со овој чин конечниот статус и име сѐ уште не се решени, најважниот и најголем чекор е завршен. Сега нашата православна црква е во заедница со сите православни цркви, и овој ден е историски ден после 7 децении тотална изолација“, порача премиерот честитајќи им за убавата вест на Светиот Синод на Македонската православна црква и на сите православни христијани.

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА.

„Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод, на целото свештенство и монаштво и на сите верници од православната вероисповед да ви ја честитам веста за признавање на каноничноста на нашата Црква од страна на Мајката Црква.
Со оваа важна одлука се исправа долгата историска неправда нанесена врз нашата Црква и нејзините верници и се исцелуваат длабоките рани поради децениите изолација со кои се соочи возобновената Охридска Архиепископија. Примајќи ја нашата Црква во евхаристиско општење, Вселенската Патријаршија ги избриша вештачки создадените поделби и го отвори просторот за градење на духовно единство на православните верници“, порачува шефот на државата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...