Врховниот суд ги одби жалбите, остануваат затворските казни за осудените за „крвавиот четврток“

Меѓу останатите, во затвор останува поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, осуден на 16 години в затвор

Врховниот суд ги одби како неосновани барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за обвинетите за случајот во јавноста познат како „27 април“. Ова практично значи дека во затвор останува поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, осуден на 16 години в затвор. На казна затвор за упадот во Собранието беа осудени и Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо, на 14 години затвор. На по 13 години затвор се осудени Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски.

Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на по 11 години затворска казна, Оливер Радулов е осуден на казна затвор во траење од девет години, Александар Василевски Нинџа е осуден на шест години, исто како и Абдуљфета Алими.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 26.04.2023 година, продолжена на ден 03.05.2023 година, одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот познат во јавноста како „27 април“. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда Квп.Кок2. Квп бр.14/22 со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.40/18 од 15.03.2019 година и на пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.39/19 од 12.02.2021 година, ги одби како неосновани“, се вели во соопштението на Врховниот суд, кој патем беше и последната судска инстанца за одлучување.

Во март 2019 година, со пресудата на Основниот Кривичен суд во Скопје, 16 обвинети за „крвавиот четврток“ добија затворски казни од вкупно 211 години затвор.

Обвинитетите за 27 април добија вкупно 211 години затворска казна, Чавков – 18 години

Апелациониот суд Скопје во февруари 2021 година ги намали за една до две години затворските казни на осудените за крвавиот четврток кои се товарат за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Судот со тоа ја потврди првостепената пресуда за вина, но и делумно ги уважи жалбите на обвинетите. Врховниот суд, со одлуката што беше соопштена денеска, само ја потврди последната пресуда на второстепениот суд.

За упадот во Собранието на 27 април 2017 година беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок, а 15 од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија.

Зо случајот „Организатори на 27 април“, минатиот месец Апелациониот суд ги уважи жалбите на Владимир Атанасовски, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, ја укина првостепената пресуда за предметот и го врати на повторно одлучување. За овој случај треба да биде закажано ново судење.

Кривичниот суд претходно на 26 јули 2021 година ги прогласи за виновни четворицата обвинети. Највисока казна против организаторите на упадот и насилствата во Собранието од 27 април 2017 година доби поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој беше осуден на шест години и шест месеци затвор, а поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и поранешниот министер за наука и образование Спиро Ристовски, беа осудени на шест години и три месеци. Поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасов беше осуден на шест години затвор.