Врховниот лидер на Иран бара поголема помош од Русија која ќе ја искористи против САД

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и Израел јавно шпекулираа за убиство на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, и за промена на режимот, чекор за кој Русија се плаши дека би можел да го потопи Блискиот Исток во бездна

Фото: Tasnim News Agency, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Врховниот лидер на Иран го испрати својот министер за надворешни работи во Москва за да побара од претседателот Владимир Путин поголема помош од Русија по најголемата воена акција на САД против Исламската Република, пренесува Ројтерс.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и Израел јавно шпекулираа за убиство на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, и за промена на режимот, чекор за кој Русија се плаши дека би можел да го потопи Блискиот Исток во бездна.

Иако Путин ги осуди израелските напади, тој сè уште не коментираше за американските напади врз иранските нуклеарни постројки, иако минатата недела повика на смиреност и ги понуди услугите на Москва како посредник околу нуклеарната програма.

Висок извор за Ројтерс изјави дека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, треба да достави писмо од Хамнеи до Путин, во кое бара поддршка од него.

Иран досега не е импресиониран од поддршката на Русија, изјавија ирански извори за Ројтерс, а земјата сака Путин да направи повеќе за да го поддржи против Израел и САД. Изворите не објаснија каква помош сака Техеран. Кремљ изјави дека Путин ќе го прими Аракчи, но не кажа што ќе се дискутира.

Аракчи беше цитиран од државната новинска агенција ТАСС дека Иран и Русија ги координираат своите ставови за моменталната ескалација на Блискиот Исток. Путин постојано нуди да посредува меѓу САД и Иран и рече дека им ги пренел идеите на Москва за решавање на конфликтот, а воедно да обезбеди континуиран пристап на Иран до цивилна нуклеарна енергија.

Шефот на Кремљ минатата недела одби да разговара за можноста Израел и САД да го убијат Хамнеи. Путин рече дека Израел ѝ дал на Москва гаранции дека руските специјалисти кои помагаат во изградбата на уште два реактори во нуклеарната централа Бушер во Иран нема да бидат повредени во воздушните напади.

Русија, долгогодишен сојузник на Техеран, игра улога во нуклеарните преговори на Иран со Западот како членка со право на вето на Советот за безбедност на ОН и потписничка на претходниот нуклеарен договор што Трамп го напушти за време на неговиот прв мандат во 2018 година.