Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд ја одби како неоснована жалбата на Лидија Неделкова и го потврди решението од 1 март годинава за нејзино разрешување од вршење на судиска функција.
„Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд на Република Северна Македонија на денешната седница расправаше по повод жалбата на Лидија Неделкова, судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија, изјавена против одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.10-10/20 од 01.03.2021 година, за нејзино разрешување од вршење на судиска функција. На истата седница, Советот за одлучување по жалби донесе одлука со која што жалбата на жалителот ја одби како неоснована и го потврди решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.10-10/20 од 01.03.2021 година,“ соопштија од Врховниот суд.
Судскиот совет ја разреши судијката во Врховниот суд Лидија Неделкова на 16 февруари.
Претседателот на Советот, Киро Здравев тогаш соопшти дека причините за разрешувањето се „ненавремено, немарно, несовесно извршување на нејзините работни обврски, повреда на Судскиот деловник односно Кодекс за судиска етика“. Претставки против Неделкова поднесе поранешниот нејзин колега, сега разрешен претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски.