fbpx

Врховен суд го отфрли барањето на Груевски за преиспитување на пресудата за „Насилство во Општина Центар“

-

Врховниот суд го отфрли како недозволено барањето на поранешниот премиер Никола Груевски за вонредно преиспитување на пресудата за судскиот случај „Насилство во Општина Центар“, во кој Груевски беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, а останатите обвинети беа осудени на условни казни.

„Согласно провостепената пресуда од 29.09.2020 година, барателот за вонредно преиспитување на правосилната пресуда е огласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци за кривично дело – Насилство од член 386 став 2 во врска со став 1 во врска со член 23 од Кривичниот законик, која пресуда беше потврдена со пресуда на Второстепениот суд од 10.09.2021“, се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.

Пресудата за Никола Груевски, како и за шест други обвинети лица, од Основниот кривичен суд беше донесена на 29 септември лани, а во ноември Апелациониот суд ја потврди ваквата пресуда.

„Насилството во Општина Центар“ е случај кој беше отворен за насилството што се случи на протестите на 7 и 10 јуни 2013 година пред просториите на Општина Центар. Протестите ги организираше врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта била по секоја цена да не дојде до промена на ДУП за „Мал ринг“ во периодот на реализација на т.н. проект „Скопје 2014“.

За Груевски веќе има потврда на пресуда за двегодишна казна затвор од Врховниот суд за набавката на блиндираниот „мерцедес“ во случајот „Тенк“. Дополнителни 1 и пол година казна затвор тој доби за „Насилството во Општина Центар“, додека пред неколку дена Никола Груевски беше првостепено осуден на 7 години казна затвор за случајот „Плацевите на Водно“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Светски ден на книгата: Расте поддршката од читателите за домашните автори

Светскиот ден на книгата, кој се слави секоја година на денешен ден, 23 април, претставува глобална прослава на пишаниот збор и цели да даде поддршка на писателите и на...