Временската машина се дотркала и „крена“ зимско арт-бостание во првата урбана градина (Фото)

Фото: Мета.мк

На овој сончев саботен ден во првата општествена градина „Бостание“ се „крена“ зимско арт-бостание. Освен тоа што оваа градина е збиралиште на љубители од сите генерации на органската храна и ретките автохтони градинарски култури, се почесто станува збиралиште и на скопските уметници.

Така и овој викенд, додека урбаните земјоделци меѓу кои има и дедовци со внучиња, но и бројни млади градинарки и градинари, си ги обработуваа своите леи, уметниците од алтернативниот културен центар КЦ 750, го дотркалаа зеленото фиќо. Владимир Лукаш, Тома Димовски, Сали Ертунч, Вук Митевски, Иван Ивановски и Иван Шопов на центарот на градината организираа арт-ѓурултии и кренаа креативна џева.

Фото:Мета.мк

„Изложбава е едно имагинарно патување низ времето и просторот. Практично ова возило кое си го нарекуваме Културен центар 750 е како една временска машина. Се радуваме затоа што имавме можност да го паркираме баш овде, не заради тоа што е забрането за моторни возила, туку затоа што е интересна спојка помеѓу две неконвенционални и нетипични иницијативи, КЦ 750 и општествена градина Бостание. Освен за земјоделски култури градинава веќе неколку пати била отворена и за друг вид култура и мислиме дека од судирот на две нетипични иницијативи може да се изроди, ако не спектакуларен барем интересен резултат“, изјави Шопов за Мета.мк.

Фото: Мета.мк

Уметниците не го наполнија фиќото со градинарски култури, ама во нивната „временска машина“ седеа скулптури налик на луѓе од рециклирани материјали.

Фото. Мета.мк

Несомнено е дека ова арт-бостание ја буди желбата за урбано градинарење кај многумина. Некои пак, како Тома Димовски честопати доаѓаат барем за момент да седнат меѓу леите кои кога е сезоната се полни со зелки, разни ароматични билки, домати, грав, сончоглед, магдонос, целер и други градинарски култури и да си ја наполнат душата со убавина.

Фото; Мета.мк

Шопов вели дека концептот на заедничко градинарство постои во големите метрополи и се надева дека градината на здружението на граѓани „Зелена Арка“, која се наоѓа во близина на подследна 5-ка, нема да остане единствена во нашиот главен град.

Фото: Мета.мк