fbpx

Време е да му се вратат слободата и власта на народот, порачаа учесниците на маршот

-

Се излеавме илјадници денеска во Скопје, на Денот на антифашистичката борба, и марширавме во чест на сите партизански одреди и во чест на сите паднати борци, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во обраќањето на крајот на граѓанскиот марш, кој денеска се одржа под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“.

– Нивната борба за слобода денеска е и наша борба за слобода. Тие се изборија, но и ние ќе се избориме, а нашето главно оружје е нашиот глас. И ние ќе се избориме за правда, правичност и за еднаквост. Денеска марширавме за враќање на власта на граѓаните, марширавме за одземање на власта од рацете на мафијата, фамилијата на Груевски. Сè што украдоа, ќе вратиме. Марширавме за поголеми плати, а не за мизерни плати со кои одвај се преживува. Од каде пари? Ќе ги вратат украдените пари, од таму пари. Ќе ги вратат парите разнесени по рајските земји. Марширавме за подобар живот, за родителите да не плачат по аеродромите, за здравство кое лечи, а не кое убива. Испишуваме историја, уриваме режим, ја враќаме слободата, отвораме пат кон иднината. Ова е марш на нашиот глас, марш за слободата, марш за Македонија – рече Заев, порачувајќи дека народот победува и оти ќе се врати правичниот, достоинствен и спокоен живот во Македонија.

Првоборецот од НОБ, Ѓорѓи Георгиевски, порача дека секоја генерација има обврска да си го брани својот народ. Тој во свое и во име на Сојузот на борците се заблагодари за ваквото одбележување на денешниот ден, какво што досега не е видено.

– Слободата и демократијата уште не се остварени, а борбата не е завршена. Државата ги заборава борците и хероите од НОБ, а се слават лица со сомнителна историја за слобода на Македонија – рече борецот Георгиевски.

Активистот Васко Лазаревски рече дека бројноста на маршот е показател дека тие се новото партизанско движење, кое ќе ја ослободи Македонија и кое ќе стави крај на режимот и на тоталитаризмот во земјата.

– Не смее луѓето да умираат по болниците, не смее да се работи за бедни пари, не смее да владеат лица што сакаат да нè поделат по секакви основи. Тука сме за да го одбележиме 11 Октомври. Овој ден сега е празник за визијата за Македонија каква што сакаме да биде, земја на еднаквост. Ние сме народот на Македонија и сè додека ние се бориме, Македонија ќе продолжи да живее. Наша задача е, како во Февруарскиот поход, да истрчаме уште еден јуриш за два месеци и да победиме – рече Лазаревски.

На маршот се обрати и студентката Ивана Туфагџиќ. Таа рече дека нејзината генерација доживеала егзодус не од странски окупатори, туку од домашната власт и оти на нејзината генерација ѝ е потребно ново востание.

– Оваа власт не ни дава шанса. Оваа власт го урниса демократскиот систем и на прво место ја постави партијата. Оваа власт нè тепа секогаш кога ќе кренеме глас. Оваа власт употреби сила против најдобрите студенти. Оваа власт им ги исече крилјата на најдобрите, а им ги даде на послушниците. Тука сум да кажам „стоп“ за општеството кое нè задушува, „стоп“ за солзите на нашите родители. Сакам да живеам во држава каде постои слобода и демократија, каде прославите се за успесите, а не за разделбите. Сакам држава каде нема да бидам обележана поради искажан став. Секој од мојата генерација се сомнева дека ваква држава е возможна, но јас верувам дека е можно – рече Туфагџиќ и порача дека веќе нема време за седење и за пиење кафиња, туку е време за востание за да се оствари сонот на сите млади.

Дел од организаторите му порачаа на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека ќе го држат за збор ова зло никогаш да не се повтори и оти граѓаните никогаш нема да престанат да се борат за слободата, која се наоѓа на крајот од трнливиот пат.

Граѓанскиот марш почна во 14 часот, во близина на новите простории на Специјалното јавно обвинителство на улицата Франклин Рузвелт. Оттаму неколкуте илјади граѓани, движејќи се по двете коловозни ленти на булеварот Партизански одреди, придружувани од звуци на тапани и револуционерни песни, пристигнаа пред Собранието на Република Македонија, каде пред говорите настапи групата „Ле ман“ од Велес, заедно со Петрит Сарачини и со Бени Шакири од „Нон-стоп“, а химната на Македонија ја испеа Кристина Арнаудова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Зеленски не ја вовлече Украина во војна

Украина не е таа која сака војна, ниту, пак, украинскиот претседател Зеленски ја вовлекол земјата во војна, како што неточно тврди објавата. Русија ја нападна Украина, а таа има...