fbpx

Вранишковски ќе излезе, што за возврат ќе добие МПЦ?

-

Повикот на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) до надлежните власти во државата за милост кон расчинетиот владика Јован Вранишковски, во име на „повисоки цели“, за краток период го најде своето откровение. По одлежани три години и два месеци или повеќе од половина од пет и полгодишната затворска казна, Вранишковски за една недела треба да излезе од затворот „Идризово“.

Надлежните власти го примија повикот, а експресната реакција по него, ги подгреа сомнежите и го отвори прашањето околу тоа која власт – судска, извршна или законодавна – е запознаена со „повисоките цели“ и затоа треба да ѝ се припише христијанскиот гест на покажаната милост.

Пуштањето на Вранишковски од затворот „Идризово“ е повеќе од извесно откако и јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се согласи со одлуката на судот, односно дека се исполнети законските услови за условен отпуст.

Христијански, но не и реално-политички е да се верува дека само едната страна (Македонија, МПЦ) ќе направи милозлив потег без да има договорено контрауслуга (признавање, автокефалност) од другата страна (СПЦ, РПЦ).

– Мислам дека Јован Вранишковски уште многу порано требаше да добие отпуст од затвор, независно од прашањето за преговорите меѓу МПЦ и СПЦ. Без да се навлегува во политичките моменти, потегот на Синодот за барање милост за Јован е оправдан. И претходно имаше иницијативи од неколкумина владици на МПЦ за ослободување на Вранишковски, но немаше реакција. Моментот дека Јован се држи во затвор заради штетата што може да ѝ ја нанесе на МПЦ е неоправдан и влијаеше фрустрирачки врз МПЦ. Меѓу другото, своето си го направи и доаѓањето на Иларион Алфеев и неговото влијание. По повикот од МПЦ и расположението на владата, на судиите им било лесно да ја донесат одлуката – вели за „Мета“ новинарот Максим Ристовски, поранашен клирик и во МПЦ и во ПОА.

Судската, а не извршната власт ја донесе одлуката за условен отпуст на Јован Вранишковски, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

– Како Влада, ќе ја почитуваме одлуката на судот, а за мотивите, причините и за околностите што довеле до оваа одлука, целисходно е да се обратите кон органот што ја донел, а тоа е судот – рече викедов Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев додаде дека Владата принципиелно ги поддржува сите активности што водат кон надминување на предизвикот што го има Македонската православна црква во рамките на својата меѓународна комуникација, истакнувајќи дека не би било соодветно Владата да ја коментира судската одлука, почитувајќи го властодржното тројство на државата.

За условниот отпуст на Вранишковски одлучил скопскиот кривичен суд, по барање што до судот го поднел директорот на затворот „Идризово“ на 25 декември 2014 година.

Како што пренесоа медиумите, во барањето било наведено дека Вранишковски одлежал повеќе од половина од казната, покажал примерно поведение во затворот и со тоа ги исполнил условите за условен отпуст.

Еден  месец претходно, на официјалната веб-страница на Српската православна црква(СПЦ) е објавено писмо на Вранишковски адресирано до директорот на Управата за извршување на санкции. Во писмото, расчинетиот владика зборува за неговиот третман во „Идризово“.

„По речиси десет месеци откако ги исполнив условите за добивање третман со кој бил можел да ја користам можноста за домашно отуство, бев предложен на конференцискиот состанок, одржан на 4 ноември 2014 година, кога беше прифатен предлогот на воспитувачот одговорен за моето прашање. Меѓутоа, како што е познато, ниту една одлука во затворот не е важечка без потпис на директорот. Дури на 18 ноември 2014 година бев известен за тоа дека директорот не сакал да го потпише записникот од споменатиот конфенерциски состанок и тоа без никакво образложение. И бидејќи, како што бев информиран од добро упатени претставници на затворската управа, одбивањето на директорот да ја потпише одлуката за момето напредување во третманот, не е ниту негова инцијатива, ниту негова своеволност, туку за тоа добил наредба од кабинетот на претседателот на Владата, немав желба да побарам состанок со него оти што би имал тој да ми каже“, стои во дел од писмото, кое завршува со драматичен тон, за наводна ликвидација на потписникот на наведените редови во затворот.

Но, наместо драматичен расплет, следуваше реал-дипломатски сплет на настани:

  • На 19 и на 20 декември, митрополитот на РПЦ, Иларион Алфеев, доаѓа во посета на Македонија. Се среќава со претседателот на државата, премирот и со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Се среќава и со Јован Вранишковски, кој за таа пригода од затворот „Идризово“ е однесен во клиниката „Мајка Тереза“, каде се одржува средбата со Алфеев. Средбите се тајни бидејќи за посетата на Иларион нема никакво соопштение од ниту една иституција, ниту од МПЦ. Информацијата за посетата на влијателниот митрополит, е објавена на 21 декември, на веб-страницата на РПЦ.
  • Наредниот ден МПЦ на својата веб-страница го објавува соопштението за одлуката на Светиот архиерејски синод да ги повика надлежните власти да го ослободат Вранишковски.
  • На 23 декември, со соопштение се огласува и СПЦ, со кое информира за посетата на Иларион Алфеев на Македонија, а во кое земјата е именувана со акронимот БЈРМ, кој по неколку дена ќе биде заменет со Република Македонија.
  • Неколку дена подоцна, претседателот Иванов го објави списокот на затвореници кои се помилувани за Нова година, но меѓу нив не беше расчинетиот владика.
  • Во меѓувреме, на 25 декември, три дена по повикот за милост од страна на Синодот на МПЦ, до скопскиот кривичен суд го испратил барањето за условен отпуст на Вранишковски.

Б.З.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...