По вклучувањето на 12-те нови амбулантни возила во мрежата на Итната помош, следи реализација на вработувањата и завршување на физибилити анализата, пренесува „Порталб.мк“.

Директорот на Здравствен Дом – Скопје, Злате Мехмедовиќ изјави дека конкурсите за вработување се во тек, а се очекува тие да завршат за десетина дена.

Во целиот Здравствен Дом се предвидува вработување на 25 лекари и околу 30 други вработени медицински сестри, техничари, стоматолози, рендгенолози, психолози и фармацевти, но уште не е познато колку од нив ќе бидат во службата за Итна помош.

Врз основа на тендерот потпишан во декември 2018 година, Министерството за здравство купи 12 амбулантни возила, од кои шест се распределија во Здравствениот Дом- Скопје, а останатите шест во: Струга, Дебар, Кичево, Крушево, Крива Паланка и Берово. Иако Скопје зеде половина од возилата, истите според директорот Мехмедовиќ не ги задоволуваат моменталните реални потреби на градот Скопје. Според него, 50 отсто од мрежата за Итна медицинска помош треба да се реновира.

„Треба да го поправиме целиот возен парк, со овие шест нови возила се реновираа речиси 50 проценти од мрежата на возниот парк, што значи дека потребно е реновирање на уште најмалку 50 проценти од мрежата, за да имаме нова мрежа. Бидејќи и возилата што ги имаме се стари речиси седум години и се со дефекти. Кога би добиле уште толку возила колку што имаме сега, целосно би ја  поправиле мрежата на возниот парк”, рече Мехмедовиќ.

Сеуште не е познато дали ќе бидат отворени центрите што беа затворени во текот на 2016 година.

„Ќе извршиме проценка согласно бројот на новите вработувања, да видиме кои се можностите и кои центри се приоритетни, за да ги отвориме повторно, со цел да немаме доцнење повеќе од 20 минути, за да одговориме во реално време таму каде што е потребно”, рече Мехмедовиќ.

Во анализата што ја спроведе „Порталб.мк“ за службата за Итна медицинска помош, треба да се интервенира во здравствените домови со амортизирани и застарени амбулантни возила, и таму каде бројот на тимови и амбулантни возила не е соодветен на бројот на населението, како што се: Кичево, Пробиштип, Куманово, Гостивар, Кочани и Дебар. Истите домови исто така побарале дополнителни амбулантни возила и тимови. Според податоците, во текот на 2018 година за одржување на 40 амбулантни возила, во осум здравствени домови, биле потрошени 6 милиони денари.