Вработените во МКЦ одговараат на Арсовска: Не ни го уништувајте ќејфот и љубовта кон работата

Фото: Мета.мк

Вработените – се членови на Програмскиот колегиум на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, денеска одржаа прес-конференција, на која одговорија на вчерашните обвинувања изнесени од скопската градоначалничка Данела Арсовска. На денешниот настан тие не можеа во целост да одговорат на обвинувањата изнесени кон претходниот директор Ванчо Богоев, но потенцираа дека тој е отсутен од пресот од оправдани причини и дополнително ќе се произнесе за објавените обвинувања на Арсовска.

Русе Арсов од Програмскиот колегиум на МКЦ изјави дека денешната прес-конференција им ја посветуваат првенствено на младите, со цел да го објаснат нивното работење по вчерашните обвинувања изнесени од скопската градоначалничка Данела Арсовска.

„Нивно е да творат, наше е да работиме по закон“, изјави Русе Арсов.

Тој додаде дека бидејќи од градоначалничката биле отворени многу прашања, секој од членовите на Програмскиот колегиум ќе одговори засебно на обвинувањата.

Во однос на кратењето на финансиските средства одобрени од Градот Скопје преку буџетот за култура за 2023 година, Арсов рече дека изминатите години биле издвојување по околу 3 милиони денари годишно, на пример, за одржувањето на Млад отворен театар (МОТ), додека за 2023 година се обезбедени само 400.000 денари за МОТ, што би било доволно за одржување на само една вечер, рече Русе Арсов.

За скратениот буџет на МКЦ говореше Филип Николовски од Програмски колегиум на МКЦ, кој ги демантираше изјавите на градоначалничката Данела Арсовска дека на институцијата не ѝ се скратени 90 отсто од буџетот на МКЦ во однос на лани, односно како што изјави таа, дека преку основниот буџет на Град Скопје на МКЦ лани ѝ биле доделени 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари.

Николовски изјави дека до овој момент го имаат на располагање единствено документот од седницата Советот на Град Скопје, каде што како точка е предвидено да се доделат на институцијата МКЦ 4,5 милиони денари. Од нив, 2,5 милиони денари се за работата на градското кино „Милениум“, а за сите останати активности на МКЦ, каде што меѓу другото, се и едни од најголемите национални фестивали – театарскиот МОТ, филмскиот Синедејс и музичкиот Здраво млади, како и целата музичка, драмска, ликовна и детска и останата културна програма во 365 дена, од Град Скопје се доделени севкупно 2 милиони денари.

За споредба, годишниот програмски буџет на МКЦ за јубилејната 2022 година бил 14,5 милиони денари, а не 10,7 милиони денари, како што кажа градоначалничката Арсовска. Исто така, Николовски рече оти лани годишниот програмски буџет на МКЦ веќе бил намален во споредба со 22 милиони и 290 илјади денари доделени во 2021 година, 34 милиони и 280 илјади денари во 2020 година, односно 25 милиони и 828 илјади денари колку што биле доделени во 2019 година.

По вчерашната прес-конференција, Николовски рече дека се одржала и вчерашната седница на Советот на град Скопје, на која конечно се донел буџетот за култура за 2023 година. Николовски рече оти на МКЦ ѝ е поставена дополнителна тежина и грижа на совест, бидејќи за да се дополнат плус 2 милиона денари средства што ѝ се доделиле на МКЦ, се крати повторно од културата, односно од средствата предвидени од одделниот конкурс за независни корисници, кој и онака можеби е најнискиот буџет за таа намена од Градот Скопје.

„За жал, ниту со овие додадени средства на првично најавените 2 милиони денари нема да можеме да реализираме ниту дел од предвидената програма за 2023 година, а не пак да креираме нова“, вели Филип Николовски.

Тој додаде дека било речено оти висината на буџетските дотации оваа година се исто како и лани – 32 милиони денари, при што верува оти оваа информација е точна, иако напомена дека блок-дотациите главно се однесуваат на режиските трошоци на институцијата, додавајќи дека минатата година само цената на струјата е три пати поголема од претходно.

Николовски одговори и на прозивката дека МКЦ мора и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои располага, дури и без дотации и субвенции од Град Скопје, затоа што остварува сопствени приходи од над 33 милиони денари. Николовски додаде дека е точно оти МКЦ низ годините се труди да оствари сопствени приходи и да изнајде други начини на финансирање и оваа забелешка ја разбираат како комплимент и признание за успешното работење, но и потенцираше дека овие финансии се реинвестираат повторно во други настани, проекти и креирање на нови активности и давање поддршка на надворешни креатори на независната културна сцена, а со дел од средствата и се доплаќа за струја, парно и за други тековни активности.

Како мала илустрација за работењето на МКЦ, Николовски потенцираше дека во 2019 година имале одржано вкупно 1.370 настани во целата година и додаде дека тоа било можно и преку сопствените приходи што ги остваруваат.

Меѓутоа, Николовски предупреди дека новите одлуки на Град Скопје, каде што закупнините на просториите се ограничуваат на една година, а евентуалните средства ќе треба да одат директно во Град Скопје, ќе резултираат со незаинтересираност на надворешните субјекти за ваквите простории, дополнување дека сега тие се празни и најверојатно нема да може да сметаат ваквите средства во нивните идни финансиски планови.

Владица Младеновски од Програмскиот колегиум МКЦ за обвинувањата за лажен притисок кон претходниот директор Ванчо Богоев и потребата тој самиот да се извини во рок од 48 часа, рече дека Богоев од оправдани причини не е денес со нив на ова јавно обраќање и дека тој дополнително ќе се обрати и ќе ги искористи правните механизми за да ја објави вистината.

Кирил Мечалов од Програмскиот колегиум на МКЦ се задржа на петтата точка од вчерашната прес-конференцијата на Арсовска, на која беше речено дека 250 договори за ангажирање на вработени се спротивни на закон без да се потпише договор за времено вработување или да се ангажираат преку агенција за привремени вработувања или авторска агенција.

Тој додава дека МКЦ во 2019 година имала 50 вработени, а веќе сега, три-четири години подоцна, тој број по разни основи е сведен на 40, иако реалните потреби за работници и за нормално и непречено функционирање на институцијата се можеби многу над 70.

За да може МКЦ да продолжи непречено да функционира – имаат две опции и тоа една која досега била пракса, секој покрај основната да работи дополнителни 4-5 работни позиции и втората – дополнително да ангажира повремено или проектно лица за одредени конкретни задачи или активности кои се плаќаат од сопствените приходи на МКЦ.

„МКЦ континуирано бара од Град Скопје нови вработувања, па макар тоа било времено или преку агенцијата за привремени вработувања“, изјави Мечалов, додавајќи дека за нив е неопходна согласност од Град Скопје, која досега не ја добиле таа согласност.

За бомбастичните наслови дека шанкер зема 750 евра плата во МКЦ, тој појасни дека во недостаток на редовен вработен персонал, за да остварат сопствени приходи, тие се потпираат на млади луѓе од Скопје кои сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти кои чесно работат за дневница, па дури и двојни смени. На крајот на месецот, на нив им се исплаќаат овие дневници како хонорар со платен данок.

Тој додава дека секако 90 договори не значи дека биле ангажирани 90 лица, туку дека се склучувале договори за 12 месеци во годината со седум извршители месечно и секој од нив е со свој посебен месечен договор. Мечалов рече дека нема да ги коментира политичките и партиските етикетирања на градоначалничката Арсовска.

Соња Исмаил од Програмскиот колегиум на МКЦ одговори и на обвинувањата на Данела Арсовска дека од главната благајна на МКЦ биле подигнати нешто над 100.000 евра во готовина, кои биле извлекувани од сметката на институцијата без соодветна основа (6,2 милиони денари).

„Прашуваме од каде оваа информација, кој ја потврдил или негирал? Дали ова е информација од тековната ревизија во МКЦ? Пред да одговориме на ова, сакаме да укажеме на грубо кршење на законите и правилата на ревизорски надзор и извештај“, рече Исмаил.

Таа додава дека досега ревизиите на работењето биле јасни, ревизорите по своето работење издавале записник, на кој институцијата преку нејзините надлежни органи имала законски рок да се произнесе и евентуално да се појасни и дополни пред ревизијата да стане официјална.

„Ревизијата во МКЦ е се уште во тек и овие информации пласирани во јавноста, се во најмала рака незаконски и во моментов паушални“, изјави таа.

Сепак, Исмаил појасни дека како благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои над 5,9 милиони денари се уплати од дневен промет од работата на угостителската дејност на МКЦ – бифе и шанкови, кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на МКЦ, а само 317.000 денари се директно готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат на ситни набавки, поправки, патарини, сервисирање и слично и истите се поткрепени со соодветна документација и сметки.

Поранешниот директор на МКЦ, Ванчо Богоев вчера беше повикан да даде одговор за издавањето на 320 метри квадратни по цена од 2,7 евра по квадрат на „Пасворд продукција“, коешто е завршено во март 2022 година. Немало одговор во чие владение е просторот и кој го заработувал и профитирал од тоа што го користел. Исмаил рече дека остави поранешниот директор самиот да се произнесе, но и повика да се запазат сите законски процедури и постапки пред изнесување на сомнежи и обвинувања, додавајќи дека цената на издавање на простории во МКЦ се утврдува по спроведување на јавен повик.

Маргарита Арсова од Програмскиот колегиум на МКЦ одговори на прозивките дека од 40 вработени, 12 се поставени како директори, односно раководители на раководни функции и не раководат со никого, а земаат директорски плати.

Таа рече дека програмските уредници апсолутно изминативе години ја докажале својата професионалност, компетентност и знаење за програмите кои ги уредуваат. Назначување по партиска линија на некомпетентни лица е нашиот најголем противник, рече Арсова. Таа порача дека не е партискиот активизам пат до успехот за младите во земјава.

Кристина Горовска од Програмскиот колегиум на МКЦ се обрати до сите институции да се охрабрат и да ја завршат до крај својата работа и по закон да ги спроведат постапките за ревизија и за именување на раководител.

Горовска рече оти веќе четврта година МКЦ е мета на јавни обвинувања, подметнувања, разни финансиски полиции, ревизии, и судови, со што им се убива ќејфот и љубовта кон работењето. Таа побара да се престане со испраќање на неидентификувани лица кои вршат распити и мобинг и притисок на вработените на нивните работни места. Истовремено, Кристина Горовска побара отворање на регуларен и чесен конкурс од Град Скопје за избор на директор на институцијата МКЦ.