Вработените на голем број компании и на државни институции утре ќе се приклучат во одбележувањето на интернационалниот ден „Во зима со велосипед на работа“ (Winter Bike to Work Day), кој во Македонија се организира на иницијатива на неформалното здружение „НаТочак“.

Станува збор за глобална иницијатива чија цел е подигнување на свеста за важноста и придобивките од користењето на велосипедот како превозно средство до работа и до училиште во текот на целата календарска година.

„Во зима со велосипед на работа“ e интернационален ден на кој луѓето го одбележуваат движењето со велосипед на работа и на училиште во зима, притоа кревајќи ја свеста за ова превозно средство во студените месеци, водејќи се од мотото не постои лошо време, постои само лоша опрема.“

До сега, кон оваа иницијатива се приклучија Министерство за образование и наука, Министерство за информатичко општество и администрација, Град Скопје, општините Ѓорче Петров, Карпош, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Агенција за млади и спорт и други.