Дел од стотина вработени во „Жито – Прилеп“ денеска ја прекинаа работата во знак на протест поради, според нив, неисплатени две плати, К-15, хранарина и патарина. Крајно револтирани од односот на сопствениците, работниците велат дека нема да продолжат со работи, ниту за време на велигденските празници, доколку не им биде исплатена плата.

„Им се извинуваме на нашите сограѓани, но немаме избор. И за нас е Велигден, и ние имаме семејства, не можеме да платиме сметки, немаме пари дома празникот да го прославиме. Платата, без оглед на работното место, е 14.500 денари, од прв до последен. Патарина не ни се исплаќа, ако сме дневна смена. Еве 4-5 години не ни се исплаќа К-15. И што е најтрагично, нема ни најава, дали и кога воопшто би добиле пари“, изјавија денеска револтирани работниците.

Штрајкот што го најавија денеска, ќе трае како што велат, додека не им биде исплатена плата. А, според нивните проценки за велигденските празници би требало да произведат и дистрибуираат околу 35.000 парчиња леб, што значи толкав ќе биде и недостигот од леб во градот.

Елизабета Мојсоска, неизвршен член на Одборот на директори, е единствениот претставник со којшто може да се разговара во фирмата.

„Јас не можам да ги коментирам изјавите на вработените. Директор на фирмата е Никола Атанасоски, и тој е надлежен за тоа“, кратко изјави Мојсоска.

Никола Атанасоски е син на Џорџ – Ѓорѓија Атанасоски, македонскиот бизнисмен кој живее и работи во САД, познат во јавноста и со својот политички ангажман како претседателски кандидат.

Тој е сопственик и на националната ТВ „Сонце“.