„Вистиномер“ на социјалните мрежи пронајде објавен видеоматеријал на којшто е прикажан инцидентот и на него се гледа дека сите шишиња коишто се поставени на масата за советниците, се пластични, пишува „Вистиномер“
Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост:
Рецензираме објави на социјалната мрежа Фејсбук (овде, овде) кои се однесуваат на инцидентот кој се случи во Советот на Општина Кочани на 19 јуни 2025 година. Инцидентот се случи кога советникот Аки Акиов од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР) и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Васе Алексов, најнапред имаа вербална расправија. Потоа Акиов тргна физички да се пресмета со Алексов, но беше спречен од градоначалникот на Кочани Венко Крстевски (што може да се види на видеото подолу во текстот). Потоа Акиев замавна со шише кон Алексов, коешто заврши во главата на една жена, правничката на општината.
Во двете објави кои ги рецензираме се наведува дека „шишето било стаклено“ што не е точно.
„Вистиномер“ на социјалните мрежи пронајде објавен видеоматеријал на којшто е прикажан инцидентот и на него се гледа дека сите шишиња коишто се поставени на масата за советниците, се пластични. Инцидентот кој се случи во општина Кочани резултираше со тоа правничката во општината да побара лекарска помош, а според изјава на директорката на кочанската болница таа е пуштена на домашно лекување.
Министерството за внатрешни работи најави дека работи на расчистување на настанот и поднесување на соодветни пријави по расчистувањето.
Според пријавата, А.А. се обидел физички да го нападне В.А. и употребил тврд предмет, но бил спречен од други присутни. Во текот на инцидентот, А.А. фрлил и шише со вода, при што во лице погодил вработена во општинската администрација. Повредената е пренесена во здравствена установа за укажување медицинска помош, велат од МВР.
Од Партијата за демократски просперитет на Ромите во нивната реакција наведоа дека во инцидентот било фрлено пластично шише, а не како што некои медиуми пренесоа дека било стаклено. Побараа медиумите да информираат точно и одговорно, без сензационализам.
Точно е дека полицијата работи на расчистување на случајот. По инцидентот, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ разменија барања за одговорност и обвинувања за манипулации.
Акиов јавно ѝ се извини на правничката од Општина Кочани за повредата која ѝ ја нанесе. Од СДСМ ги осудија постапките на Акиов и посочија дека не се работи за нивен член, туку за коалициски партнер.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина, бидејќи шишето со коешто е погодена правничката во Oпштината не е стаклено, туку е пластично, советникот не е од СДСМ (како што се тврди во една од објавите), туку од коалицискиот партнер на СДСМ – Партијата за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР). Точно е дека се случи инцидент во којшто советник демонстрираше неприфатливо поведение од кое со повреди се здоби правничката во Oпштината.