Возвратете ѝ на државата која ве школувала, им рече Шаќири на дипломците на ФИНКИ

Фото: Министерство за образование и наука

Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство е бренд во државата и сигурен сум дека и понатаму ќе остане препознатлив по квалитетот на знаењето кое им го нуди на младите и ќе биде избор на многумина од новите генерации кои допрва ќе влегуваат во светот на академското образование. Ова денеска го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на церемонијата организирана по повод 11 роденден на оваа високообразовна институција, на која беа доделени и дипломите на околу 600 студенти кои ги завршија студиите од прв и втор циклус на студии во изминатите три години.

„Знам дека голем дел од вас веќе имаат работни ангажмани. Можеби до вас ќе стигнат и понуди да работите надвор од државата. Но, би било добро, а ќе речам и би било патриотски да ги разгледате прво домашните опции за работа и да дадете личен придонес во развојот на државата која ве образувала и вложила во вас. Возвратете ѝ, ќе се чувствувате спокојно и гордо еден ден“, им рече министерот на дипломците.

На свеченоста присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, кој упати пофални зборови кон професорите на овој факултет.

„Благодарение на вас годинава запишувањето во средните училишта е целосно дигитализирано и над 97 проценти од идните средношколци се запишале преку платформата обезбедена токму од кадарот на ФИНКИ“, рече Ковачевски кој им врачи дипломи на дел од студентите кои постигнале врвни резултати и највисок просек во текот на студирањето. Сепак, факт е дека запишувањето во средните училишта не е целосно дигитализирано бидејќи покрај дигиталната апликација идните средношколци ќе мора документите да ги донесат и во печатена форма.

Премиерот информира дека новина од идната година е и надоградениот софтвер, со кој управуваат наставниците од средно образование преку кој интерактивно ќе комуницираат со родителите на учениците.

Мета неодамна објави дека професор д-р Боро Јакимовски од овој факултет, е избран за нов декан. Досега, два мандати по ред на позицијата беше проф. д-р Иван Чорбев. Тој кажа дека фокусот во неговата работа ќе биде најмногу на унапредување на условите на факултетот.

„Ќе работам на тоа да се обезбедат просторни услови, како што доликува на најголемиот факултет во државата со 5.000 студенти. Фокусот ќе биде и на позиционирање, поголема соработка и поголемо учество во меѓународни проекти“, рече Јакимовски.

Документите за упис во средно првин ќе се достават електронски, а потоа ќе се носат и на увид