Со помал број на возови што секојдневно сообраќале, Железници на РСМ – Транспорт во првото полугодие од годинава успеала да превезе речиси идентичен број на патници како лани. Според податоците на Државниот завод за статистика, со воз биле превезени 277.000 патници или за 0,7 отсто помалку во однос на периодот јануари – јуни 2018 година.
Статистичките податоци покажуваат дека во првото полугодие немало превезени патници во меѓународниот железнички сообраќај, поради несообраќањето на експресниот воз „Хелас експрес“ кон Солун и Белград. Лани со овој меѓународен воз за шест месеци патувале 4.000 патници. Покрај несообраќањето на овој воз, годинава не функционира ниту експресниот воз „Хераклеја“ меѓу Скопје и Битола. Овој воз беше привремено укинат на почетокот од август 2018 година, како резултат на расипувањето на еден од кинеските нови возови.
Ваквите бројки покажуваат дека националниот железнички оператор остварил речиси идентичен број на патници, со помалку возови што сообраќале по пругите во првите шест месеци од годинава. Од Железничката станица во Скопје во периодот јануари – јуни 2019 година имало по 16 поаѓања на патнички возови дневно, додека лани во истиот период од главната станица поаѓале по 19 возови во едно деноноќие.
Бројот на превезени патници во патничкиот железнички сообраќај во Македонија е драстично опаднат во последниве неколку години. Возот како превозно средство лани го користеле 540.000 патници, додека пред една деценија оваа бројка била речиси тројно поголема. Пред распадот на Југославија, со воз во земјава патувале меѓу 5 и 7 милиони патници годишно.
Со новиот ребаланс на буџетот намалени се средства кај кредитирање на железницата.