Возовите делумно сообраќаат, автобусите никако да тргнат

-

Меѓуградската автобуска станица во Скопје е празна, а истото важи и за станиците низ останатите градови во земјава. Корона вирусот транспортно ги отсече некои градови од земјава. Според податоците на Државниот инспекторат за транспорт, во периодот од 12-18 мај се направени вкупно 114 надзори и констатирано е дека меѓу општинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 95 отсто.

Ова значи дека меѓуградскиот автобуски и такси превоз не функционира меѓу градовите, барем оној што е легален. Од Државниот инспекторат за транспорт информираат дека во целосен прекин во изминатите седум дена биле меѓуградските линии од Скопје кон Охрид, Битола, Ресен, Прилеп, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Кочани, Берово и обратно.

„Меѓуопштинскиот линиски превоз на патници на релација Скопје – Куманово и обратно и Скопје – Тетово и обратно исто така беше во целосен прекин по одлука на Влада на Република Северна Македонија, а по измената на одлуката на Владата донесена пред два дена, воспоставена е повторно редовна меѓуградска автобуска врска помеѓу Скопје и Куманово, со почитување за 50 отсто намален капацитет, односно преполовен број на патници“ информираше претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Ваквата состојба на целосен прекин на меѓуградскиот превоз доведува постојано до прашања на граѓаните за тоа кога ќе се воспостават редовните линии, кои автотранспортните превозници се должни да ги одржуваат. Бројните негодувања на граѓаните по социјалните мрежи се проследени со појаснувања од превозниците дека чекаат да се укине одлуката, со која линиите треба да се одржуваат со преполовен број на патници во возилата. Со почитување на мерката за 50 отсто намален капацитет на возилата, на никој од превозниците не му е исплатливо да сообраќа.

Од друга страна, Железници на РСМ – Транспорт редовно ги одржува железничките линии на релација Скопје – Гевгелија – Скопје, Скопје – Битола – Скопје и Скопје – Велес – Скопје, додека изостануваат поаѓањата за Кочани, Кичево и Куманово. Сепак, голем дел од градовите низ земјава не се железнички поврзани со главниот град, а со тоа немаат никаква можност да патуваат, освен со автомобил.

Државниот завод за статистика денеска излезе со податоци дека бројот на превезени патници со автобуси во првиот квартал од 2020 година бил намален за 17 отсто во споредба со идентичниот период лани. Во периодот јануари – март 2020 година, превезени биле за 19,6 отсто помалку патници во меѓуградскиот превоз, додека во меѓународниот превоз било регистрирано намалување од 33,2 отсто. Бројот на патници во приградскиот превоз опаднал за 16,3 отсто, додека во градскиот превоз имало за 16,9 отсто помалку патници.

Шолц потврди дека гласањето доверба на владата во Бундестагот ќе се одржи на 16 декември

Германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц (66) денес потврди дека ќе побара гласање за доверба на владата на 11 декември, а Бундестагот потоа ќе гласа на 16 декември, отворајќи го...