Возот „Connecting Europe Express“ есенва ќе го мине целиот континент, во Скопје доаѓа на 13 септември

Извор: Европска Комисија

Заеднички европски воз за 36 дена ќе мине низ 26 земји на континентот. Европската Комисија по прогласувањето на 2021 година за Европска година на железницата, деновиве го објави возниот ред на возот „Connecting Europe Express“. Во периодот од 2 септември до 7 октомври, возот ќе патува 20.000 километри, преминувајќи 33 гранични премини, на своето патешествие од Лисабон до Париз.

Возот „Connecting Europe Express“ на своето патување низ континентот ќе го посети и Скопје на 13 септември. Европската Комисија на својата Фејсбук страница објави дека билетите за овој воз нема да се продаваат, но ги покануваат сите граѓани да ги посетат станиците на кои тој ќе запре. Настаните што ќе се одржат е планирано допрва да се објават.

„Покрај како симбол за поврзување, овој воз служи и како потсетник дека имаме уште многу да работиме пред железницата да постане транспортна опција за избор на Европејците. Дочекајте го Connecting Europe Express кога ќе застане на станицата близу вас и придружете се на настаните што ќе се одржуваат на континентот“, изјави европската комесарка за транспорт, Адина Валеан.

Од Европската Комисија порачуваат дека возот е најеколошкото превозно средство, кое емитува само 0,4 отсто од емисиите на стакленички гасови на ниво на ЕУ. Покрај придонесот против климатските промени, патувањето со воз е многу побезбедно за патниците во споредба со патниот сообраќај, поради помалиот број на регистрирани жртви од сообраќајни несреќи.

Инаку, поради недостатокот на интероперабилност на европската железничка мрежа, низ пругите по Европа ќе сообраќаат три различни воза кои одговараат на различната ширина на железничките колосеци. Возот што ќе сообраќа по стандардната пруга, којшто треба да ја посети и земјава, ќе има шест вагони, од кои два ќе бидат наменети за мобилни изложби што ќе ја претстават технологијата и иновациите, како и инфраструктурните проекти што ги поддржува ЕУ. Поради различната ширина на пругата, посебен воз ќе сообраќа во Португалија и Шпанија, додека третиот воз ќе патува низ балтичките земји.

Сите заинтересирани можат да дознаат повеќе информации за возот на изработената веб-страница, како и на профилот на Твитер.