fbpx

Вознемирувања и заплашувања се опoмените од „Еуромакс Рисорсис“ до еко-активистите

-

Дваесет и девет еколошки здруженија активни во секторот животна средина и клима во земјава им даваат целосна поддршка на граѓанските активисти и жителите на локациите каде се планирани да се градат рудници за бакар и злато.

„Деновиве тие се безобразно нападнати поради својата борба да си ги зачуваат домовите и да ја зачуваат нашата храна. Ова не е прв пат да се врши заплашување и напад врз еколошки активисти во земјава и бараме властите да превземат мерки за да ги заштитат своите граѓани.Поднесувањето на „опoмена пред тужба“ за искажан еколошки став од еколошки активист поврзан со носење на одлука која ја засега животната средина во која активистот бил вклучен на приватен фејбук-профили, без објаснување како инвеститорот обезбедил пристап до самите профили, претставува вознемирување и заплашување на активисти“, се вели во соопштението потпишано од здруженијата.

Активистите велат дека ваквиот третман врз претставниците на еколошкото граѓанско општество е спротивен на одредбите на еколошката демократија и спротивен на Архуската конвенција.

„Согласно член 3 став 8 од Архуската конвенција, Владата и Народниот правобранител имаат обврска да ги заштитат активистите кои ги практикуваат нивните еколошко-демократски права од ваквиот третман. Ја повикуваме Владата и Народниот правобранител конечно да почнат со почитување на меѓународните конвенции кои ги ратификувале со закон и, во најбрз можен рок, да ги заштитат еколошко – демократските правата на граѓаните“, се додава во соопштението.

Активистите бараат од властите да ги запрат постапките за издавање одобренија за отпочнување со експлоатација и изградба на инфраструктура на локациите каде е издадена концесија за експлорација и експлоатација и да се направи кумулативна оценка за влијанието врз животната средина на сите издадени концесии за рудници со цел да добиеме реална слика за влијанието кое овие рудници ќе го имаат врз нашата земја.

„Сметаме дека во време кога земјата допрва треба да го отвара Поглавјето 27 за животна средина и клима ќе биде погубно во преговорите за влез во ЕУ доколку стигнат лавина реакции за загадување на животната средина со отварање на рудници. Дополнително погубно е земјата да дозволува заплашување на своите граѓани кога најголемите забелешки на ЕУ кон земјата се во недостатокот на владеење на правото и кршење на човековите права“, велат активистите.

Став околу поддршката за еко активистите на кои им се закануваат со тужба „Мета“ побара од концесионерот на Иловица, „Еуромакс Рисорсис“, од каде што не информираа дека, барем засега, немаат што да додадат на својата завчерашна писмена реакција. Во неа, меѓу другото, стои дека „во барањата за извинување кои се доставени до поединците нема закани, туку едноставно барање за извинување согласно роковите пропишани со Законот за граѓанска одговорност со цел населението да биде запознаено со вистинските информации и факти за проектот“, но и дека „Еуромакс“ ќе продолжи да ги користи сите правни механизми „за да спречи ширење на дезинформации и лажни вести за проектот и компанијата“.

Реакцијата на здруженијата е потпишана од Центарот за исражување и информирање за животна средина „Еко-свест“, Скопје, „Еко Гаиа“, Битола, „Милиеуконтакт“, Скопје, „Еко Герила“, Македонија, „Еко Правда“, Валандово, ЦНВП, Македонија, „О2 Иницијатива“, Скопје, „Македонски Зелен Центар“, Скопје, „Целор“, Радовиш, „ЕД Роса“, „Еко-живот“, Кавадарци, „ЕД Еко-Рурал Пелистер“ с. Дихово Битола, „Импакт нет“, ПОЛИМАТ 13, Богданци, „Young Friends of the Earth Macedonia“, Здружение за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ, ФРОНТ 21/42, „Слоу Фуд Македонија“, Новинари за човекови права,„ Eкo Логик“, „Балкан вош нетворк“, „Здрава Котлина“, „Еко Долина“, „Спас за нас“, „Гоу Грин“, Центар за климатски промени и Движење за околината „Молика“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...