Photo by Ivan Angelov on Unsplash

Министерството за економија го донесе Правилникот за поединечно одобрување на возила, по што од утре ќе може да стартува регистрацијата на возилата со странски регистарски таблички во земјава. Ова денеска го изјави министерот за економија Крешник Бектеши, кој во изјава за медиумите рече дека со усвоениот закон се предвидувало да се донесат соодветни правилници, кои се веќе завршени.

Инаку, имплементацијата на Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблички помина во експресен рок. Владата на крајот на ноември лани, најпрво информираше дека го усвоила предлог-законот, по што истиот беше донесен од македонските пратеници во Собранието. Не помогнаа ниту реакциите на еколошките организации, кои го оквалификуваа законското решение како мерка за стимулирање на носење на секаков вид отпад од Европа во земјава.

Целта на владината одлука е да се регистрираат возилата со странски таблички со намалени давачки до 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи. Инаку, ваквата поволност ќе важи за сите возила кои влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година.

Сопственикот или корисникот на возилото или лицето кое ќе го купи возилото, треба да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон. Законот ќе се применува за времетраење од една година.

Од владата тогаш рекоа дека со оваа мерка ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на возилата со странски регистарски таблички во сообраќајот во земјава и остварување на приход на средства кон буџетот и домашната економија во висина од 25 милиони евра.