Воздухот во Тетово ќе се „чисти“ преку европски проект

Аерозагадување во Тетово. Архивска фотографија. Извор: Порталб.мк

Деновиве во Тетово повторно се забележани високи бројки на загадување на воздухот за месец март, а неретко загадувањето со ПМ 10 честичките изнесува 105,85 μg/м3. Тоа е двојно повеќе од дозволената количина, чија просечна вредност не треба да надмине 50 микрограми на метар кубен и не повеќе од 35 дена во годината. Загадувањето на воздухот останува засега нерешен проблем. Неодамна, општина Тетово стана дел од проект од кој се очекува граѓаните да имаат корист, а цел на проектот е подобрување на воздухот преку неколку мерки, пишува Порталб.мк.

И покрај постојаните апели и акции од еколошките организации за решавање на проблемот, Тетово и понатаму останува еден од лидерите во загаденоста на воздухот не само во земјата или регионот, туку и пошироко.

Иако најголем дел од загадувањето се случува во текот на зимата или грејната сезона, ниту во март кога температурите почнаа да растат, високите бројки со ПМ 10 честички не беа избегнати. Од 1 март до 17 март ПМ 10 честичките ја надминале дозволената вредност во тек на 8 дена, и тоа:

  • 4 март –    67,76 μg / м3
  • 5 март –    67,67 μg / м3
  • 6 март –    62,98 μg / м3
  • 13 март-   57,60 μg / м3
  • 14 март-   81,14 μg / м3
  • 15 март-   87,39 μg / м3
  • 16 март- 105,85 μg / м3
  • 17 март-   67,33 μg / м3

Градоначалникот на Тетово, пред три дена објави дека Општина Тетово преку проектот „EU for clean air” (ЕУ за чист воздух) заедно со Скопје, Куманово и Битола се корисници на грант од десет милиони евра, при што целта на овој проект е подобрување на воздухот преку повеќе мерки како подобрување на системот за греење во Јавните установи, засадување дрвја и поставување мобилни мерачи на загадувањето.

Од Општина Тетово за Порталб.мк не открија повеќе детали што поконкретно ќе се реализира преку овој проект, ниту кога истиот ќе започне и ќе заврши.

„Проектот е поддржан од Европската Унија преку УНОПС – Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги и ИПА фондовите. Неговата цел е преку некои мерки да обезбедиме почист воздух за поздрава животна средина, односно да ги намалиме емисиите“, велат од Општина Тетово, упатувајќи не во канцеларијата на УНОПС за повеќе детали.

Од УНОПС, Канцеларијата на Обединетите нации во државата за Порталб.мк велат дека целта на проектот е да се подобри квалитетот на воздухот во четири поголеми градови во Северна Македонија – Скопје, Битола, Куманово и Тетово преку намалување на емисиите на загадувачки материи, главно PM 2,5 и PM10.

„Во моментов проектот е во фаза на координација и консултација со засегнатите страни, а проектот се очекува да започне на почетокот на 2023 година. Проектот ќе се спроведува за 36 месеци и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) е избрана за партнер за имплементација, по повикот до заинтересираните страни“, соопшти канцеларијата на УНОПС во земјава.

Проектот ќе се состои од четири главни групи на активности насочени кон:

  • Намалување на загадувањето што го создаваат системите за греење преку подобрување на системите за греење на јавните згради;
  • Намалување на загадувањето што го создава јавниот превоз со модернизација на транспортниот систем во Скопје;
  • Создавање зелени појаси со садење дрвја и урбано зеленило;
  • Создавање предуслови за проширување на парното греење во Скопје преку изработка на физибилити студија и купување мобилни станици за мониторинг на воздухот.

Главен корисник на Проектот и главен национален чинител е Министерството за животна средина и просторно планирање, потоа Секретаријатот за европски прашања (СЕП) – во улога на Национален ИПА координатор, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука како директни корисници на Проектот.

„Локалните самоуправи вклучени во проектот: Скопје, Битола, Куманово и Тетово се директни корисници“, велат од канцеларијата на УНОПС.

Тие додаваат дека проектот ќе придонесе за постигнување на целите од вториот столб (деконтаминација) од Зелениот договор на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан.

Досега не се преземени сериозни мерки од страна на локалните власти

Во апликацијата E-report“  (Е-извештај) граѓаните можат да пријават несвесно однесување на физички и правни лица кои со своите постапки ја загадуваат животната средина, но во оваа апликација бројот е нефункционален. Од Општината за функционалноста на бројот велат дека тој треба што поскоро да се врати во функција за граѓаните, но без да нагласат кога.

Еколошкиот инспекторат и понатаму останува бескорисен. Градоначалникот во својот програмски план за првите 100 дена за раководење со општина Тетово ја имаше и оваа точка: Финансиски санкции – глоби (законска одговорност) за сите загадувачи на животната средина со отпад надвор од соодветните контејнери или нивно палење. Прашан од Порталб.мк на 23 февруари, тој рече дека досега не се изречени казни за загадувачите бидејќи сега го комплетираат инспекторатот кадровски и прво ќе одат на подигнување на свеста и информирање на граѓаните, потоа со санкции за оние за кои ќе бидат констатирани прекршоци.

Несериозни мерки дури и од централните власти

Месечните извештаи на Автоматскиот државен систем за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух за Тетово покажуваат дека во 2021 година загаден воздух имало во текот на 132 дена. Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 дена загаден воздух.

Дека овој проблем е доста сериозен и опасен за нашата држава покажува и последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на реформите во Северна Македонија. Во извештајот јавно се нагласува дека земјата треба да го зголеми износот за финансирање и на локално и на национално ниво за да се намали загадувањето на воздухот, што останува сериозна загриженост.

Владата најави и формирање зелен фонд од 36,3 милиони долари за борба против загадувањето на воздухот и климатските промени.

Инаку, околу 1,8 милиони смртни случаи и речиси два милиони случаи на астма му се припишуваат на загадениот воздух во 2019 година ширум светот, покажуваат две студии објавени во списанието The Lancet Planetary Health.