Воздухот во Тетово и понатаму е загаден, недостигаат мерни станици, општината ветува решение

Фото: Порталб.мк

Веќе неколку дена квалитетот на воздухот во градот Тетово е многу лош. Според програмата AirCare, на 3 јануари нивото на штетните честички ПМ 10 и ПМ 2.5 било високо, конкретно 138 и 128 микрограми на метар кубен, што ја надминува дозволените количини во воздухот. Ниту локалните ниту централните власти немаат преземено сериозни мерки за решавање на овој проблем. Дури, според сајтот НУМЕБО, Тетово е на второ место во листата на градови со најзагаден воздух во светот. За проблемот е дискутирано на состанок на општина Тетово, при што е ветено дека некои предлози на граѓаните ќе влезат во првиот ребаланс на буџетот, пишува Порталб.мк.

Тетово има само една мерна станица која се наоѓа кај училиштето „Кирил и Методиј“, која е финансирана од Европската Унија, а ја управува Министерството за животна средина. Во градот треба да има најмалку 11 мерни станици за да се добие јасна слика за изворите на загадувањето, движењата на загадувањето и како понатаму може да се спречи. Ова го изјави еколошкиот активист Аријанит Џафери на 27 декември на расправата за буџетот на општина Тетово за 2022 година, на која граѓаните ги искажаа нивните идеи и предлози.

Како алтернативно решение, но по пониска цена, Џафери предложи да се постават мерни сензори.

„Една мерна станица како овие што ги имаме има вредност од 25 илјади до 30 илјади евра, но има и нешто друго. Во близина на постоечките мерни станици за тестирање поставивме сензори кои пак покажуваат исти резултати за исти мерења. Сензорите нормално чинат поевтино, односно за 11 сензори кои можат да се постават 5 во градот и 6 во селата околу Тетово вредноста би била за 36 месеци со инсталација, одржување и работа околу 2,2 милиони денари, ова го кажувам бидејќи знам колку чинат. Ова е важно да се направи бидејќи загадувањето на воздухот е секогаш проблем во Тетово, а особено во време на пандемија. Мислам дека треба да се одвојат средства за едукативни кампањи за јавна хигиена, а и управувањето со отпадот е голем предизвик во Тетово. Мислам дека ќе мораме да учиме од регионот како решиле некои проблеми што нас не засегаат и денес“, рече Аријанит Џафери.

Претседателот на Советот на општина Тетово, Бесар Дурмиши и градоначалникот Билал Касами за овие предлози рекоа дека ќе се обидат да ги вклучат во ребалансот на буџетот што ќе се направи во наредниот период.

„Овие барања и проекти ќе се обидеме да ги вградиме, секако во соработка со вас (граѓаните) во наредните денови, во првиот ребаланс што го подготвуваме и кој ќе дојде многу брзо. Во однос на животната средина и загадувањето, наша определба отсекогаш беше да вршиме мерења на сите видови загадувачи. Она што во моментов претставува сериозен проблем е поврзано со загадувањето на воздухот, а ние сме вистински заинтересирани да го решиме ова прашање и тесно ќе соработуваме со граѓанскиот сектор, разни здруженија и локални или странски фактори или фондови и во 2022 година да започнеме со имплементација или инсталирање на овие сензори. Посакувам да го подобриме општинскиот буџет за овој проект да започне со општински финансии“, рече Билал Касами.

Проблем и понатаму останува нефункционалниот телефонски број на веб-страницата на општина Тетово, кој служи за пријавување загадувачи на животната средина. За ова прашање се уште немаме одговор од општина Тетово.

Од надлежните не се преземени сериозни мерки

Месечните извештаи на Државниот автоматски систем за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух за Тетово покажуваат дека во 2021 година воздухот бил загаден во текот на 132 дена. Според светските здравствени стандарди, во текот една календарска година не треба да има повеќе од 35 дена загаден воздух.

Дека овој проблем е доста сериозен и претставува закана за нашата држава покажува и Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на реформите во Северна Македонија. Во извештајот јавно се нагласува дека земјата треба да го зголеми износот на финансирање и на локално и на национално ниво за намалување на загадувањето на воздухот, што останува причина за сериозна загриженост.

За овој проблем со години алармираат еколошките организации. Со почетокот на зимската сезона проблемот дополнително се продлабочува поради горивата што се користат и во домаќинствата, со што состојбата со загадениот воздух се оптоварува дополнително.

Од Владата на РСМ велат дека се надеваат дека зајакнувањето на капацитети и подетално регулирање на обврските ќе има ефект против загадувањето на воздухот во блиска иднина. Во овој контекст, една од главните измени на Законот за воздух е поврзана со обврските и точната координација на органите на локалната и централната власт, која ќе биде утврдена со прецизни планови и задолжителни мерки.

Владата најави и формирање зелен фонд од 36,3 милиони долари за борба против загадувањето на воздухот и климатските промени.