Воздухот ќе биде полн со ПМ-10 честички, најголем број од домовите се затоплуваат со цврсти горива

Фото: Арбнора Мемети

Поголема ангажираност на надлежните институции во смисла на јакнење на инспекциските контроли и поставување на повеќе мерни станици за испитување на квалитетот на воздухот, поголем број и повисоки субвенции за домаќинствата за вградување на системи за затоплување од чиста енергија, како и издвојување на поголеми буџетски средства за енергетска сиромаштија, но и јакнење на свеста кај граѓаните од штетноста по здравјето од користењето на цврсти горива за затоплување на домовите.

Ова се дел од клучните препораки на експертите за животна средина и на еколошките здруженија кои подолго време апелираат на реализирање на повеќе заштитни мерки и активности за намалувањето на високите концентранции за штетните ПМ-10 и други честички во воздухот, особено во урбаните средини.

Во вкупното загадување на воздухот со ПМ-10 честички, горењето на биомасата учествува со 90 отсто и овие честички ги надминуваат дозволените гранични вредности за повеќе пати во текот на грејната сезона. Од друга страна, голем причинител за загаденоста на воздухот е и користењето на неефикасните печки и котли за загревање на домовите, особено на дрва и на јаглен.

Ова, меѓу другото, се посочува во Студијата за греење на Градот Скопје, на МАНУ, со цел подетално да се утврдат различните ефекти на греењето врз емисиите на стакленички гасови (CO2, CH4, N2O), како и врз локалното загадување (ПМ-2,5, ПМ-10, CO, SOx, NOx) и квалитетот на воздухот.

Според резултатите од анкетното истражување врз основа на податоци од 4.469 домаќинства спроведени во скопските општини Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Сарај, КарпошКисела ВодаЦентарЧаир и Шуто Оризари, најголем дел од домаќинствата или 47 отсто користат цврсти горива (огревно дрво, јагленпелетибрикети) за затоплувањетретина од домаќинствата рекле дека се греат со електрична енергија, а околу 21 отсто дека се снабдуваат со системот на централно греење. Исто така, од анкетата е констатирано дека повеќе од половина од објектите немаат дополнителна топлинска изолација. 

Според Студијата, еден од главните виновници за високите концентрации на штетни честички во воздухот е дрвото. Се дава пример дека, едно семејство кое користи огревно дрво, за една грејна сезона од 6 месеци исфрла во воздухот 42 килограми прашина или штетни ПМ честички. За споредба, стар дизел автомобил, со стандард ЕУРО-3, за истиот период испушта 0,5 кг. ПМ-честички на еден километар. Или, во една грејна сезона домаќинство што се топли на дрва го загадува воздухот со онолку штетни ПМ-честички, како 230 дизел автомобили дневно да возат релација од 20 километри.

Во оваа Студија како најдоминантна причина за загадувањето се издвојува греењето во домаќинствата и лошата термичка изолација на објектите, што придонесува за поголеми потреби од енергија за греење, од една страна, а од друга страна се неефикасните печки и котли кои се користат за загревање на домовите, како едни од главните причинители за зголемувањето на емисиите на стакленички гасови. 

Граѓаните во Скопската котлина се постојано изложени на повисоки концентрации од дозволените. Според упатството за квалитетот на воздухот (Air Quality Guidelines), просечна годишна концентрација за ПМ-2,5 не треба да надминува 10 микрограми на кубен метар (мг/m3), односно 24 часовна концентрација од 25 мг/m3. Просечната годишна концентрација за ПМ-10 не треба да надминува 20 мг/m3, додека 24 часовна концентрација да не е поголема од 50 мг/m3. А, годишниот извештај за квалитетот на животната средина на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) покажува дека просечната годишна концентрациите на ПМ-2,5 во 2019 во Центар изнесувала околу 31 мг/m3, а во Карпош 35 мг/m3. Во 2005 година, кога започнале официјалните мерења, регистрирана била просечна годишна концентрација во Центар од 104,09 мг/m3, а во Карпош од 92,01 мг/m3.

Според „Скопје дише“, кое е составен дел на Студијата на МАНУ, до 2025 година се потребни инвестиции од 378 милиони евра за да се намали загадувањето од ПМ-10 честичките за 62 проценти, а на другите штетни честички за околу 22 проценти. Од нив, 325 милиони евра би требало да се употребат за изолација на домовите. Или, тоа по скопско домаќинство, во пари, би значело издвојување-трошок, од 50 денари на ден.

„Секако, ако тргнеме во редукција на најзначајниот извор, може да очекуваме видливи резултати на самиот почеток. „Скопје дише“ се потпира на три главни параметри: зголемување на енергетската ефикасност, замена на уредите за греење со еколошки чисти енергетски извори и приклучување кон системите на греење со топлинска енергија“, вели Александар Дединец, научен соработник во МАНУ и автор на Студијата, кој објаснува дека огревното дрво се користи од преку 30 отсто од домаќинствата во урбаните делови и дури 85 отсто oд домаќинствата во руралните области, а поголемиот број од домаќинствата кои се греат на огревно дрво користат едноставни системи за греење и голем дел од нив не се доволно ефикасни.

Според него, проблемот со загадувањето на Скопје не може да се реши за една или за две години и тоа е процес во кој вината не треба да се префрла од еден на друг, туку сите, граѓаните и институциите, на локално и на централно ниво, треба да работат заеднички, и да се најде начин како во процесот да се вклучи и приватниот сектор.

За да се намалат штетните емисии на ПМ-честичките во воздухот, пред сѐ, треба да се подобри енергетската ефикасност на домовите, затоа што 50,8 отсто од објектите немаат изолација, а 42 отсто имаат изолација која не е според пропишаните стандарди. Неопходна е промена на начинот на греење (енергетски ефикасни технологии) бидејќи 44,7 отсто од домаќинствата користат ниско ефикасни печки на огревно дрво, ефикасни технологии на струја – топлински пумпи, користат 5,3 отсто, а печки на пелети и брикети користат само 1,5 отсто од домаќинствата, покажува Студијата.

Според СЗО, смртноста во Македонија од ПМ-2,5 честичките изнесува околу 3.000 лица на годишно ниво. Во ЕУ ,380.000 лица умираат годишно од последици од загадувањето на воздухот, а во светот 6,5 милиони годишно. Оваа смртност е на 4. место по големина, после крвниот притисок, неправилната исхрана и пушењето.