fbpx

Возачите негодуваат за лошата состојба на автопатот Скопје – Велес

-

Нереконструиран коловоз и дупки во асфалтот, одрони на патот, недоволно осветлување на критичните места и недоволно одржување во зимските месеци се само дел од забелешките на граѓаните што патуваат на автопатот меѓу Скопје и Велес. Тие плаќаат патарина од 120 денари по еден правец.

Најгласни во негодувањата за состојбата на автопатот Скопје – Велес – Скопје се граѓаните од Велес. Неколку илјади велешани секојдневно патуваат до главниот град по работа и се најдобри сведоци за актуелната состојба на оваа автопатска делница. Еден од нив е Дарко Тодоровски, којшто за „Мета.мк“ тврди дека пред три недели одрон на овој пат му ја скршил шофершајбната на возилото.

Тој смета дека најмногу одрони на патот има на делницата Скопје – Велес, и тоа во моментов на делот од патот пред и после манастирчето. Покрај одроните на патот, Тодоровски посочува дека коловозот меѓу Катланово и скопската патарина на автопатот е полн со дупки, а проблеми со асфалтот на коловозот забележал и на други делови од делницата.

– Пред велешка патарина, на мостот има голема дупка, која станува сѐ поголема и подлабока, а е среде мост – вели тој.

Како еден од возачите што секојдневно патува од Велес за Скопје, тврди дека голем проблем е и одржувањето на коловозот особено во текот на зимските месеци кога наутро и навечер патот е лизгав.

– Патувам со години, никогаш не сум ги видел „Македонија – пат“ на патот да чистат нешто или да прават – нагласува Дарко Тодоровски.

Одговори за одржување на патот во два наврати побаравме од ЈП „Македонија – пат“, но не добивме иако ни ветија дека ќе испратат.

Од Јавното претпријатие за државни патишта пак велат дека годинава ќе се изврши рехабилитација на автопатот меѓу Катланово и Петровец. Тендерот за избор на компанија што ќе го врши надзорот над градежните работи веќе е распишан, а наредните недели ќе следи и тендерот за избор на изведувач што ќе постави нов асфалт на коловозот во должина од 7 километри. ЈП за државни патишта за оваа инвестиција има обезбедено 5 милиони евра.

Од ова претпријатие посочуваат дека за целиот патен Коридор 10 е предвидено годинава да се започне со замена на постојните заштитни огради со нови, кои ќе бидат со највисокиот европски ЕНО стандард. Заедно со новите еластични огради, предвидена е промена и на постојните сообраќајни знаци на патот, а во оваа инвестиција од 5 милиони евра ќе биде вклучен и автопатот Скопје – Велес – Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти  Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...