Александар Велески, кој боледува од церебрална парализа, денеска не бил пуштен да се вози со неговото куче – придружник Бен во автобус на ЈСП. Од ова јавно претпријатие, пак, уште во вторникот испратија соопштение дека лицата со посебни потреби ќе можат да се возат со куче – придружник во нивните автобуси.
Како што објаснува Александар Велески во својот Фејсбук – статус, тој денеска не бил пуштен од возачот да се вози со своето куче во автобус на линијата број 7.
Од ЈСП – Скопје велат дека преку социјалните мрежи дознале за непријатноста што денеска ја доживеал Александар. Од претпријатието веќе истражуваат што точно се случило преку нивната внатрешна контрола.
„Доколку се потврди дека возачот не го пуштил Александар со Бен да влезе во автобус, од нему познати причини, ќе биде соодветно санкциониран“, се нагласува во соопштението на ЈСП.
Од Јавното сообраќајно претпријатие остануваат на одлуката дека лицата со посебни потреби со своите кучиња – придружници ќе можат да ги користат сите нивни услуги. Возачите на градските автобуси се обврзани да ги пуштат во автобусите овие граѓани, заедно со своите кучиња што се специјално дресирани со намена за нивна придружба и движење.