Воведувањето данок на јаглерод за компаниите е предизвик, но и можност за енергетска транзиција

Фото: Министерство за животна средина

Претставници на компании, граѓански организации, академски и државни институции денеска разговараа за предизвикот за воведување на данокот на јаглерод. Кои се деловните можности и предизвици на енергетската транзиција, како и можните добри прилики и ефекти од оданочувањето на јаглеродот и потребата за подготовка на приватниот сектор за одговарање на обврските поврзани со климатските цели за 2030 година. Ова беа темите на тркалезната маса „Можностите и предизвиците за бизнис секторот од воведување механизми за оданочување на јаглеродот во регионот на Западен Балкан”, која ја организираа Министерството за животна средина и просторно планирање, Мрежата за климатска акција на Европа (CAN Europe) и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“.

Со оглед на потребата од брза климатска акција и декарбонизација на деловниот сектор, со оваа тркалезна маса се обезбеди платформа за препознавање на неговата клучна улога во енергетската транзиција на Западен Балкан и значењето за неговото рано вклучување во креирањето на соодветните политики.

„Активното и навремено вклучување на бизнисите, а особено енергетски интензивните и енергетско производствените, во остварувањето на целите за декарбонизација како чекор напред кон постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година, не само што е корисно за општеството, туку може да биде и економски исплатливо“, рече министерот Насер Нуредини и го покани бизнис секторот да ги сподели добрите искуства и главните поттикнувачки мерки како преминот кон позелени индустриски пристапи да се изведе на најефективен, праведен и успешен начин во регионот.

На тркалезната маса учествуваа претставници на водечки компании од енергетскиот и другите јаглеродно-интензивни индустриски сектори од Западен Балкан., претставници од Црна Гора, од домашните компании Цементара УСЈЕ, Титан Скопје, Макстил, но и од научната фела што учествуваше во анализите и израбoтката на можните сценарија, како и при моделирање и креирање на националните политики и климатски цели.

„Патеките кон постигнување на целите за климатска неутралност мора да бидат сеопфатни и правични. Во постигнувањето на овие цели, императив е секоја засегната страна да преземе одговорност за своите постапки, вклучително и индустриите интензивни за јаглерод. Рана транзиција кон решенија без фосили, не се само можност за ублажување на климатските промени, туку се и можност за економијата преку адаптирање и прилагодување на бизнис моделите да го минимализира влијанието на транзицијата и да обезбеди долгорочна одржливост“, порачаа организаторите.