Воведен бесплатен јавен превоз и серија мерки поради аерозагадувањето во Скопје

Фото: Архива на Мета.мк

Градот Скопје, поради аерозагадувањето, денеска воведе серија мерки за граѓаните, што ќе бидат на сила додека аерозагадувањето со ПМ-10 честички не се намали под 100 микрограми на кубен метар.

Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и приватните превозници, зајакнат инспекциски надзор, ограничување на градежните активности на објектите под надлежност на Град Скопје и интензивна контрола на градилиштата се само дел од мерките коишто стапуваат од денеска.

Меѓу мерките прогласени од Градот Скопје се и зачестеното миење на улиците и булеварите и зајакнатата контрола на имателите на одобренија за доставување на стока во главниот град.

Градските власти упатуваат апел до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институциите да доаѓаат на работа со јавен превоз, но и бараат скопските општини да ги засилат инспекциските надзори на субјектите кои управуваат со отпадни масла и отпадни гуми.

Град Скопје побара од Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот, додека Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

„Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот“, велат од Град Скопје.

Градските власти препорачуваат откажување/одложување на јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено, додека градежната механизација да не се става во употреба за време на сообраќајниот метеж.

Како препораки до граѓаните, Градот Скопје бара тие да го користат јавниот превоз, додека возилата да се користат само во непоходни ситуации. За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.

Воедно, при затоплување на објектите да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци.

„Печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на
производителот. Редовно да се чистат оџаците“, им порачуваат од Градот Скопје на граѓаните.