Фото: engin akyurt on Unsplash

Во функција за поголема поддршка на жените-жртви на насилство, во изминатиов период Министерството за труд и социјална политика работеше на воспоставување на 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство во 6 плански региони.

„Факт е дека пред нас имаме уште работа, пред се во унапредувањето на услугите, мултисекторскиот пристап, раната детекција, како и подигнувањето на свеста кај жените за пријавување на насилството,“ рече министерката Шахпаска на денешната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство.

На седницата била разгледувана реализацијата на Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција кој произлезе по нејзината ратификација. Во тој контекст, министерката Шахпаска констатираше дека изминатиов период е воспоставена институционална и законска рамка за спречување и борба со насилството врз жените и семејното насилство согласно Акцискиот план, што претставува цврста основа и подготовка на системот за понатамошно исполнување на стандардите од Истанбулската конвенција.

„По усвојувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во јануари 2021 година, за неговата имплементација беа донесени повеќе подзаконски акти, кои ги подготви работна група составена од претставници на институциите, здруженија на граѓани и експертска поддршка ангажирана од меѓународните организации. Исто така беа донесени подзаконски акти и стандарди значајни за воспоставување на услуги за заштита на жртвите на родово базирано насилство. Во моментов се работи на сосема нов Закон за родова еднаквост, а во крајна фаза е и дефинирањето на новиот Закон за работни односи во кој има одредби значајни за остварувањето на родовата еднаквост“, информираше министерката Шахпаска.

Членовите на Националното координативно тело дискутираа за состојбата со насилството врз жените и семејното насилство, како и за трендовите и потребите од понатамошно делување.

На денешната седница се разговараше и за почетокот на процесот на првата основна евалуација за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба со насилство спрема жената и домашно насилство (Истанбулска Конвенција) од страна на Групата експерти за акција против насилство против жените и семејното насилство (GREVIO).

Седницата на Националното координативно тело за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство се одржа во рамките на 16 дена активизам, кога интензивно се нагласува значењето на организираното и системско дејствување против сите форми на насилство.