Фото: лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски

Македонија веќе 5 месеци, односно од 3 јануари, работи со техничка влада, а 4 месеци без Собрание и речиси три месеци под услови на вонредна состојба. Вонредната состојба, четврта по ред, ја прогласи претседателот на државата Стево Пендаровски на 30 мај, додека од Владата велат дека засега оценуваат дека нема потреба за продолжување на вонредната состојба, пишува „Порталб.мк“.

– Владата, за овие и други прашања поврзани со ковид-19, ќе се состане и ќе одлучи во наредните денови. Според процените, во моментов нема причини да се продолжи вонредната состојба. Со оглед на тоа што здравствениот систем е подготвен за следниот период, економските мерки се целосно регулирани и во фаза на имплементација, а за нови ограничувања во иднина, вонредната состојба не е неопходна – велат од Владата.

Од кабинетот на Претседателот, Стево Пендаровски за изјавија дека во моментов сè уште нема најава за седница на Советот за безбедност и дека продолжувањето на вонредната состојба ќе зависи од тоа дали Владата ќе предложи нешто такво.

– Засега нема најави за одржување на седница на Советот за безбедност. Одлуката дали повторно да се прогласи вонредна состојба зависи од тоа дали Владата ќе достави таков предлог, како и од проценката на Советот за безбедност – велат од кабинетот на Претседателот.

По завршувањето на вонредната состојба, изборната кампања, која беше прекината во март, треба да продолжи, но политичките партии сè уште немаат постигнато договор за датумот на изборите.

СДСМ, повикувајќи се на законите, проценува дека изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Лидерот на оваа партија, Зоран Заев, пред неколку дена најави дека парламентарните избори нема да бидат пролонгирани и дека тие ќе се одржат на 5 јули, додавајќи дека не е добро за демократијата земјата да нема Собрание со месеци, а Владата да биде и Влада и Собрание.

На прашањето на „Порталб.мк“, Александар Поповски од оваа партија потврди дека за СДСМ, 5 јули останува датумот на организирање на изборите, освен ако се продолжи вонредната состојба.

– Организирањето на изборите е завршена работа. Согласно Уставот и законите, изборите мора да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Ако вонредната состојба не продолжи, тогаш 5 јули е денот кога изборите мора да се одржат согласно законот и Уставот – изјави Поповски.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да не се согласува со предлозите на СДСМ за изборите. Од оваа партија дури велат дека е нехумано да се зборува за избори во овие моменти, кога според нив, ситуацијата со ковид-19 е излезена од контрола.

Портпаролот на опозициската партија Наум Стоилковски за „Порталб.мк“ изјави дека ја чекаат одлуката за вонредна состојба и проценката на Комисијата за заразни болести за состојбата со ковид-19.

– Засега е нехумано да се зборува за избори со оглед на ситуацијата со ковид-19 и новите бројки што се регистрирани. Прво, треба да се стабилизира состојбата со вирусот и неконтролираната состојба со зголемувањето на бројот – рече Стоилковски.

Од друга страна, ДУИ се изјасни дека датумот на изборите треба да се одлучи со консензус меѓу политичките партии. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, кој воедно е и вицепремиер за европски интеграции, изјави дека ставот на Владата за вонредната состојба ќе биде познат до петок, и заедно со мислењето на Комисијата за заразни болести за состојбата на пандемијата ќе биде пресуден за датумот на избори.

– Позицијата на ДУИ се заснова на два основни принципа, тие се константни. Првиот принцип е дека здравјето на граѓаните е пред кој било друг социјален процес, а вториот е дека консензусот е важен за одржување избори. Секојдневно ги следиме епидемиолошките трендови. Мојот став е дека треба да почекаме до петок, кога вонредната состојба ќе заврши, за да ги анализираме трендовите, да го видиме мислењето на Комисијата и врз основа на тоа да донесеме одлука за вонредната состојба. Вонредната состојба директно ќе влијае на изборите. Така, ќе чекаме до петок за тоа каква ќе биде позицијата на Владата за вонредната состојба – рече Османи.

Партиските лидери одржаа две средби кај претседателот Стево Пендаровски, на 12 и 18 мај, во обид да се утврди датум за парламентарните избори, но не успеаја да постигнат договор за датумот на предвремените избори, кои беа предвидени да се одржат на 12 април, но беа одложени поради појавата на корона вирусот.

Досега е најавена уште една средба на лидерите, на која ќе се разговара за прашањето за одржување избори. Ова за „Порталб.мк“ го кажаа и од претседателскиот кабинет. Во нивниот писмен одговор се наведува дека нема најава за состанок на лидери, во врска со датумот на изборите, а што се однесува за средбата иницирана од вицепремиерот за европски интеграции, Бујар Османи, за консензус пред почетокот на разговорите со ЕУ, од овој кабинет соопштија дека ова не е во фокусот засега.

– Во моментов нема најава за одржување средба на лидерите за одредување датум на изборите. Во однос на прашањата од стратешко значење за државата, како во внатрешен така и надворешен план, претседателот е подготвен да свика средба на лидерите, сè додека има договор од страна на политичките партии за тие прашања. Но, во моментов, главниот фокус е ставен на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 и одредувањето датум за предвремени парламентарни избори – велат од кабинетот на Пендаровски.

Во меѓувреме, состојбата со ковид-19 во Македонија продолжува да биде загрижувачка. Земјата доживува втор бран на појава на корона вирус, со повеќе од 300 нови случаи за пет последователни дена.

На барање на Владата, за да се заштити со построги мерки од ширење на корона вирусот, Пендаровски, почнувајќи од 18 март досега прогласи вонредна состојба четири пати, двапати по 30 дена, на 15 мај состојбата беше продолжена за 14 дена, а на 30 мај беше решено да се продолжи уште 14 дена, заради зголемувањето на бројот на заразени. Ниту една одлука не е потврдена од Собранието, кое е распуштено и не може да се состане. Собранието најверојатно нема да ги потврди истите дури и по завршување на вонредната состојба.