Вонредна инспекција во ОХИС: Во фабриката се складира опасен отпад од технолошките зони, што мора да се отстрани за најмногу три години

Фото: ДИЖС

Државниот инспекторат за животна средина направи вонреден инспекциски надзор во кругот на ОХИС, каде што работат шест инсталации, од кои една за производство на масло од канабис, а останатите кои вршат складирање на опасен и неопасен отпад. Една од нив е компанијата „Еко-центар“, која работи на извезување на опасните хемикалии кои се историски отпад и остаток од работењето на хемиската фабрика. Компанијата „Езо-тех“, исто така складира опасен отпад, но од нови производствени процеси, додека инспекторите утврдиле дека компанијата „Галванотехна“ ќе врши површинска обработка на метални производи и во моментот се подготвува за почеток на работниот процес.

Фото: ДИЖС

„При надзорот, Еко-центар вршеше препакување на хемикалии од историското загадување, нивно припремање за извоз и финално отстранување во странство. Оваа компанија неодамна го отстрани мономер винил-хлоридот што е веќе уништен во Франција. Активностите се реализираат во согласност со План за празнење и преточување на опасни хемикалии, а со примена на мерки за заштита на работниците. Ќе се вршат дополнителни надзори за следење на емисиите при преточувањето. При надзорот на работата на Езо-тех, кој работи на собирање и транспорт на опасен отпад, се утврди дека на локацијата чува опасен индустриски отпад, преземен од правни лица во технолошките развојни зони. Отпадот што е складиран веќе неколку месеци, може на локацијата да се чува до три години, односно Езо-тех ќе мора да најде начин за негова преработка или третман во земјата или во странство. Компанијата Галванотехна која се подготвува за почеток на работа, од технолошкиот процес очекува отпадни води што ќе мора да се пречистуваат. Надлежен инспектор ќе изврши надзор по пуштањето во работа“, информираат од Државниот инспекторат.

Од таму велат дека контролите во некогашните погони на ОХИС ќе продолжат и понатаму, особено над постапувањето со опасен отпад, а инспекторите ќе следат од каде се собира опасниот отпад, кој го транспортира и каде се отстранува. Инспекторатот најавува дека ќе биде во тек и со чистењето на малата депонија на линдан, кое се очекува да започне наскоро, по доцнење од неколку месеци.