Волонтери, ловџии и планинари цела вечер ќе ја спасуваат Галичица од огнените стихии

Станува збор за планински предел од 2.000 метри надморска височина каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку 2 часа, а во неколку наврати биле транспортирани и со хеликоптер на МВР

-

Петнаесет волонтери на Планинската спасителна служба при Црвен крст и алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид заедно со 9 припадници од реџерската служба на Национален парк Галичица, од самиот почеток на пожарот се во постојана битка со огнената стихија која веќе 10 дена беснее во високо планинските предели на Галичица, информира Центарот за управување со кризи.

Тие се повремено поткрепени и со тимови на ТППЕ Охрид и Ресен, Дирекцијата за заштита и спасување, како и со доброволци од локалното население. Станува збор за планински предел од 2.000 метри надморска височина каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку 2 часа, а во неколку наврати биле транспортирани и со хеликоптер на МВР.

Фото: ЦУК

„Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север. Последните три дена, волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон, постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подготвување на подобар план за делување следниот ден“, велат од ЦУК.

Во моментов, се делува со рачно обезбедување на заштитни појаси во шумските предели, со цел заштита на што е можно поголем шумски фонд, за што дополнително се вклучени и поголем број на доброволци планинари и ловџии од Охрид и од Ресен.

„Денес дејствуваа и два воздухоплови кои им помогнаа на тимовите во навистина тешката битка. Иако веќе исцрпени, волонтерите на планинската спасителна служба, со целокупниот материјално технички капацитет на службата, со три теренски возила и едно специјално транспортно возило АТВ 6х6, како и со обезбедување на логистика во храна и вода за сите учесници во гасењето на пожарот, обезбедена од сопствениот скромен буџет и неколку компании донатори, остануваат на терен сè до конечно гаснење на огнот“, велат од ЦУК.

Стравотни фотографии се шират на социјалните мрежи од пожарот кој ја зафати Галичица, а охриѓани и туристите сведочат дека во градот мириса на чад, а не е јасен ниту видикот кон Галичица. Граѓаните во текот на денот забележувале и дека во Охридското Езеро се забележуваат саѓи и пепел од пожарот.

На социјалните мрежи се повикуваат и сите физички спремни доброволци, утре во 7 часот да се пријават кај планинарската куќа Спиридон, со свој алат, мотика или гребло за да помогнат во гаснењето.

Галичица во пламен, чадот се чувствува и во Охрид

 

Ураганот Милтон ја пустоши Флорида, има жртви и прекин на струја за повеќе од 2 милиони жители

Ураганот Милтон ја зафати Флорида како бура од трета категорија, внесувајќи уште поголеми штети на брегот кој сè уште е опустошен од ураганот Хелена кој се случи само пред...