Волк, кој бил припитомен и чуван како миленик, синоќа бил заловен во скопската населба Козле. Волкот во моментов е во Зоолошката градина, каде што ќе биде згрижен и каде што ќе живее во иднина, откако ќе го помине периодот во карантин под здравствен надзор од стручни лица.
„Вечерва во населбата Козле беше забележан волк кој бил чуван како домашен миленик и на себе имаше синџир и каивче. По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен“, информираа од ЗОО Скопје.
Од таму велат дека волкот, што веројатно избегал од сопственикот, бил питом и мирен, па неговата прошетка завршила без последици за граѓаните.
„Апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување,“ посочија од Зоолошката градина и апелираа до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, да го пријават до надлежните институции.
