Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер изутринава пристигна во ненадејна посета на Кијив, за прв пат од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари годинава, пренесува Укринформ. Тој пристигна во Кијив со воз, а е предвидено во текот на денот да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Украинските медиуми јавуваат дека ова е трет обид на Штајнмаjер да ја посети Украина, откако пред една недела, како и изминатава пролет, беше одложена неговата посета.
Во меѓувреме, во Украина и во изминатово деноноќие продолжуваат борбените дејствија. Украинските официјални власти информираат дека во изминативе 24 часа од руските воени дејствија загинале најмалку седум цивили во Донецкиот регион, а пронајдени се тела на уште тројца цивили убиени од руските сили, јавува Укринформ.
Руското гранатирање на населени места во изминатово деноноќие било фокусирано на Днипропетровскиот регион, каде што се погодени куќи, автомобили, прехранбена индустрија и водоснабдителна инфраструктура, пренесува Укринформ. Гардијан јавува и за експлозија на автомобил-бомба пред седиштето на про-руски пропаганден телевизиски канал во окупираниот град Мелитопол на југот на Украина, во којшто биле повредени пет лица, вклучувајќи и вработени во компанијата.
Во Берлин денеска се одржува Меѓународната конференција за обнова на Украина, која што ја отворија германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во својот говор на конференцијата рече дека повеќе од една третина од украинскиот енергетски сектор е уништен од Русија и додаде дека на Украина ѝ е потребна помош, јавува Гардијан.
На Украина ѝ се неопходни средства за обнова на енергетската мрежа, а Европската Комисија и Светската банка утврдија дека за првата фаза од брзото закрепнување на земјата ќе бидат потребни финансии во висина од 17 милијарди долари, пренесува Гардијан.