Еден член на екипажот е загинат, а по уште еден се трага откако воен авион се урна доцна синоќа навечер во департманот Мерт и Мозел, на североистокот на Франција. Остатоците од леталото биле лоцирани со помош на дрон, пренесува „Ројтерс“.
Според информациите на градоначалникот на Понт-а-Мусон, Анри Лемојн, несреќата се случила синоќа околу 23:35 часот, во областа меѓу населените места Розевил, Домевр-ан-Е и Тремблекур, меѓу Нанси и Мец.
Лемојн наведе дека на терен се ангажирани значителни сили на жандармеријата и противпожарните служби.
„Остатоците од авионот се забележани со помош на дрон“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
Францускиот „Ле Монд“ објави дека се работи за борбен авион „Мираж 2000Д“, кој се урнал за време на тренинг-лет.
„Се чини дека најмалку еден од членовите на екипажот не успеал да се катапултира“, изјави портпаролот на военото воздухопловство, полковникот Давид Папалардо.
Едниот член на екипажот бил млад пилот на обука, а другиот многу искусен офицер за вооружување, потврди тој.
Претставник на неколку села во областа, Анри Лемоан, на Фејсбук соопшти дека дрон ги лоцирал остатоците од авионот и дека службите за итни случаи се на местото на несреќата.
Според фрацуските медиуми, двоседниот борбен авион „Мираж 2000Д“ влегол во употреба во 1993 година. Франција го користела во конфликтите во Косово во 1999 година, во Либија во 2011 година, во Авганистан, Ирак, Сирија и во регионот Сахел во Африка.
