ЈП Водовод и канализација – Скопје започнува кампања со цел подигнување на јавната свест за заштита на водоснабдителниот и канализацискиот систем под мотото „Биди одговорен, однесувај се совесно“. За да се заштити системот за водоснабдување во Скопје, граѓаните кои имаат информација за злоупотреба на водоводниот систем преку диви приклучоци, можат да пријават на телефонот 02 3073 010 во Дежурно Информативниот Центар, во Дирекцијата на телефонот 02 3240 300, преку електронска пошта на [email protected], како и на веб-страницата и Фејсбук профилот на ЈП Водовод и канализација – Скопје

– Покрај честите апели, кои како претпријатие ги упатуваме до граѓаните за рационална употреба на водата и акциите кои се спроведуваат за отстранување на дивите приклучоци, во наредниот период ќе се обидеме на едноставен начин да ги прикажеме „малите краткорочни грешки“ од секојдневниот живот кои доколку се променат, ќе резултираат со долгорочни резултати за заштита на водоснабдителниот и канализацискиот систем, како и со менување на начинот на размислување и зголемување на свесното и одговорно однесување – вели Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Од ова јавно претпријатие потсетуваат дека дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за водоснадбување, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за водоснадбување, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело. Во изминативе недели ЈП Водовод и канализација – Скопје организираше неколку акции за пронаоѓање на диви приклучоци на територијата на главниот град.

Инаку, „Мета.мк“ во континуитет периодов детално известуваше за загубите на вода во скопскиот водоводен систем. И покрај тоа што лани неприходуваната вода во Скопје е намалена, сепак извештаите на скопското јавно претпријатие се забележува пораст на процентот на неприходувана вода како резултат на диви приклучоци – од 3.529.900 во 2018 година на 3.753.660 метри кубни вода лани.

Процентот на неприходувана вода во Скопје лани изнесувал 62,38 отсто, а експертите во изјави за „Мета.мк“ веќе потенцираа дека токму решавањето на проблемот со дивите приклучоци, санирањето на дотраените цевки, поставување на мерачи за потрошена вода и регулирањето на трошењето на питката вода за полевање јавни површини и за фонтани можат значително да ги намалат загубите на вода за пиење. Експертите велат дека инвестирањето во намалување на загубите на вода е за 40 пати поевтино од барањето нови извори за водоснабдување.