Водно како „Медиум пукнатина“ е новата хибридна изложба на Ивана Мирчевска

Фото: Фејсбук настан

Утре, во 19:00 часот во галеријата „КО-РА“ во Домот на култура „Кочо Рацин“, Скопје ќе се отвори изложбата „Медиум пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ од визуелната уметница Ивана Мирчевска.

Се работи за хибридна инсталација составена од видео записи, 3Д креирани средини, физички објекти и звучни пејсажи во авторство на Ивана.

Инспирирана од географските и интимните координати во кои се наоѓа, поставката го препознава Водно и неговата околина како жив организам составен од страни слики, мисли и звуци. Истовремено, уметницата преку своите дела собрани во единственото дело што го изложува ги поставува прашањата: Што ќе се случи кога ќе го напуштиме лепливиот проблем на нашата човечката исклучителност и стегите на нашиот индивидуализам? Како можеме да пројдеме преку сопствената устоличеност во дуализмот на природата и културата и да создадеме простор за повеќевидни битија и битисувања? Каков тип на хибриден пејзаж може да не опкружи нас луѓето и не-луѓето во нова симбиоза и заедништво?

„Преку инсталацијата, го замислуваме Водно како простор чијшто облик и време се мешавина од различни битија, површини и процеси испреплетени во релации и значења прекршени како ризоми. Во пресрет на постојаното нагризување на планината и интернализирање на нејзината материја во корист на економска ефикасност и урбано проширување – трагаме по ново и имагинативно разбирање на телесениот, тактилилниот и значајниот однос преку кој контурите на пејзажот, неговите жители и нашите тела се во постојано взаемно трансформирање и постанувње. Во овој простор, моето друштво и јас, копаме странични тунели во постоечките пукнатини. Наоѓаме временски капсули, фрагменти од распаднати пејзажи, изведувачки простори на хибридни ритуали и разни агрегатни состојби на мемориии. Со емпатија ги лепиме нишките на материјалните и семиотските релации во кои се остваруваме.“, пишува во најавата за изложбата.

„Медиум пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ е дел од проектот „Медиум Пукнатина“, истражувачки и уметнички проект на  Мирчевска што е подржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Ивана Мирчевска е родена во Скопје во 1992. Нејзината уметност е вкоренета во медиумите засновани на време, визуелната антропологија, студии на меморија и сликарството. Нејзините истражувачки интереси произлегуваат од спојот помеѓу технологиите на гледање, просторната конфигурација на погледот и телото.  Има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а магистрирано на Акдемијата за ликовни уметности Брера, Милано, Италија.
Мирчевска е автор на книгата „At an angle of 45 degrees”, издадена во соработка со Студио Приватен Принт и Prince Clause Fund (2021).
Досега има учествувано на Биеналето на млади уметници во МСУ, Скопје, годинава имаше изложувано на Supernova Regeneration во Денвер, Колорадо во САД, нејзини дела земале учество и на Dislocations, Scottish Graduate School for the Arts & Humanities Summer School во Глазгов, Биенале на млади уметници, УЛУС, Белград, на „Ничии прагови конкретно“ во МКЦ, Скопје Čvorište efemernog, Galerija МК, Загреб, Хрватска (2020); The Voids- Culture Hub Croatia, Сплит, Хрватска, Fuori Visioni 6, Пјаченца, Италија (2020). Нејзиниот видео-истражувачки проект ‘She’ e презентиран и изложен на PHROOM во Милано, Италија; the Utopic Method, International exhibition for Video narration во Гранада, Шпанија и ‘Zapping the archive’ Odesa Photo Days Festival 2020 во Украина.