fbpx

Водици во Скопје: Светиот крст посветен на сите учесници на манифестацијата

-

Православните христијани денеска го празнуваат Богојавление – Водици. Утрово во сите православни храмови се оддржаа црковни литургии. По една година пауза поради пандемијата, манифестацијата повторно се организираше во сите краишта на земјава.

Децениската традиција, со ограничен број учесници, се одржа и во Скопје. Централната литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ ја предводеше Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан.

Традиционалното осветување на водите на Вардар и положувањето на Светиот крст во Скопје се одржа на мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј ин“.

Согласно мерките и препораките, во Вардар влегоа триесетина лица кои се физички спремни за студените води и кои претходно имале учествувано во манифестацијата, а беа избрани од базата на Скопската православна епархија при МПЦ.

Светиот крст го фати Игор Јакимовски, а по претходно направен договор, сите капачи заедно го извадија крстот од водите на Вардар.  Изјавија дека наместо еден човек, годинава има повеќе среќници и упатија порака на сплотеност.

„Единство, братство, сплотеност. Тоа е она што ни треба оваа година“, изјавија капачите при излегувањето од водите на Вардар.

Капачите соопштија и дека добиените награди од спонзорите и од Град Скопје ќе бидат донирани, што беше прифатено од страна на скопската епархија.

фото: Мета.мк

Традицијата на положување на Светиот крст продолжи по минатогодишниот привремен прекин поради пандемијата со ковид-19. Омикрон сојот и зголемениот број на заразени не ги спречија скопјани да влезат во гужвата и да го проследат настанот.

Инаку, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека според извештајот за периодот од 10 до 16 јануари регистрирани се 11.123 нови позитивни случаи на Ковид-19 во земјава, што е зголемување од 33,9 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, каде во моментов, според податоците на Министерството за здравство, има 9.167 активни случаи.

Епидемиологот д-р Александар Стојанов за „Мета.мк“ изјави дека секој вид на собир е проблематичен во однос на ширење на омикрон, независно дали станува збор за верски настан, концерт или дружба во кафеана.

„Две години зборуваме дека е проблем лажичето во црква кога има причестување, дека се проблем литиите, џамиите кои беа полни кога беше Бајрам, а сега еве пак зборуваме за Водици. Луѓето кои стојат на страна и ги гледаат капачите, ќе бидат еден до друг“, изјави д-р Стојанов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...