Климатските промени го истакнуваат фактот дека водата е стратешки ресурс што мора да се заштити. Одржливото управување со овој ресурс се од суштинско значење за економскиот развој, безбедноста на храната, заштитата на животната средина и благосостојбата на граѓаните, констатираа учесниците на заедничката 7. сесија на Работната група 5 – Животна средина (Поглавје 27) и 14. сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), што се одржа во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија.
Учесниците заклучија дека Македонија треба да продолжи со усогласувањето со европското законодавство во областа на водите, да ги зајакне институционалните капацитети за управување со климатските ризици и да инвестира во дигитални решенија што ќе придонесат за поголема транспарентност, ефикасност и одржливост на јавните политики.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, истакна дека управувањето со водните ресурси мора да биде поставено високо на агендата на националните политики.
„Климатските промени веќе имаат директно влијание врз земјоделското производство и достапноста на водата. Затоа е неопходно да инвестираме во модерни системи за наводнување, подобро планирање и поефикасно користење на водните ресурси, следејќи ги европските стандарди и добри практики“, рече Трипуновски, нагласувајќи дека тоа за Владата е стратешка цел и веќе инвестира во изградба на стабилен систем за наводнување преку градење на нови и реконструкција на постојните брани и хидросистеми.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, посочи дека климатските ризици бараат нов пристап во управувањето со водите.
„Безбедноста на водата повеќе не е само еколошко прашање, туку прашање на развој, економска конкурентност, безбедност и јавно здравје. Затоа е неопходен интегриран систем за управување со водите и подобра координација меѓу институциите, засилена примена на европското законодавство и долгорочни политики засновани врз научни податоци и реални потреби“, истакна Хоџа.
Водата е јасен пример дека современите предизвици не можат да се третираат изолирано, бидејќи водата е бесценет ресурс и нашата заедничка одговорност е да ја зачуваме за наредните генерации, заклучи Хоџа.
Амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, ја нагласи важноста на регионалната и европската соработка во справувањето со климатските предизвици.
„Искуствата на земјите членки покажуваат дека интегрираното управување со водите носи конкретни придобивки за животната средина, земјоделството и локалниот развој. Европската Унија останува силен партнер на Северна Македонија во процесот на усогласување со европските политики и стандарди“, рече Хрицова.
Во рамките на трите тематски панели се дискутираше за европските политики за водна безбедност, потребата од поголема отпорност кон климатските промени, интегрираното управување со водите во функција на земјоделството и руралниот развој, како и за можностите што ги отвора дигитализацијата во управувањето со водните ресурси.
