Во Железара работат фирми без мерки за заштита од загадување, откриле инспекторите

Фото: Инспекторат за животна средина

Во вонреден инспекциски надзор што во кругот на Железара го направија изминативе два дена испектори на Државниот инспекторат за животна средина и на Инспекторатот на Градот Скопје откриле фирми кои работат без да поседуваат елаборати за заштита на животната средина. Контролите се направени по пријави од граѓани од Општината Гази Баба кои се пожалиле на високото загадување на воздухот минатата седмица, но и поради бучавата која што доаѓа од кругот на поранешна Железара. На оваа локација инспекторите откриле дека, освен „Макстил“, работат и повеќе други фирми правни субјекти, но без да ги исполнуваат задолжителните еколошки критериуми.

„Првиот надзор беше спроведен на 9 декември, во работно време и беше утврдено јасно прекршување на Законот, односно констатирано дека повеќе правни субјекти работат без елаборати за заштита на животната средина, што значи немаат програма со мерки за заштита на животната средина и надзор врз спроведувањето на мерките. Сите субјекти се задолжени во најкус можен рок да изработат елаборати и да обезбедат одобрение од соодветна институција во согласност со закон. Вториот надзор беше извршен на 10 декември, во вечерните часови, во присуство лично и на директорката на инспекторатот, Ана Петровска, раководителот на градскиот инспекторат Горан Трајчевски, акредитирана лабораторија и екипа од Канал 5 телевизија. Во тој момент, ниту еден од субјектите во кругот на Железара не работеше, освен Макстил. Инспекторите и централната акредитирана лабораторија на МЖСПП направија мерења на лице место, а резултатите се очекуваат во текот на следните денови“, се вели во информацијата од Државниот инспекторат.

Инспекторите откриле дека бучавата на која се пожалиле граѓаните на Гази Баба доаѓа од „Макстил“, поточно од електролачната печка за топење на старо железо, која и покрај изолацијата на погонот создава силни звуци кои пробиваат во надворешната околина. Од инспекторатот велат дека го задолжиле „Макстил“ да обезбеди услови производниот процес да продолжи, но без да создава бучава и да го нарушува мирот и спокојот на граѓаните.