fbpx

Во зградата на велешката Топилница има сулфурна киселина, предупредуваат екологистите

-

Голема количина сулфурна киселина складирана во депо, сѐ уште стои во објектот на некогашната Топилница во Велес. Екологистите од овој град предупредуваат дека не само огромниот црн рид со згура е опасност за здравјето на велешани. Загадувањето демне и од напуштената зграда, која како сениште стои и потсетува на еколошката агонија која ја поминаа жителите на Велес. Таа е во приватна сопственост на компанијата „Метрудхем“, која ја купи пред десетина години и планираше рестартирање на погоните. Откако општинските власти го сменија Генералниот урбанистички план и на местото на локацијата предвидоа зеленило, компанијата се повлече, но старите објекти и хемикалиите во нив останаа.

„Загадувањето од црниот рид со троска која ја контаминираше почвата на Велес во радиус од 20 километри е најголемиот еколошки проблем на градот. Тој мора да се реши што побрзо, за да ги спасиме идните генерации и да им дадеме можност здраво да живеат. Но, мора да потсетиме дека и во зградата на Топилницата има депо со сулфурна киселина, која е голема опасност за градот и која веројатно ќе им ја оставиме на младите како проблем што ќе мора да го решаваат. Тоа е приватен објект, но сопственикот како да кренал раце од него. Ние граѓанските организации, а и локалната самоуправа сме немоќни да преземеме било што во врска со него“, вели Игор Смилев, активист на еколошката организација „Грин пауер“.

 

Генералниот урбанистички план на Велес предвидува локацијата на Топилницата, наместо тешка и загадувачка индустрија, да се претвори во заштитно зеленило. Билјана Шуркова- Манаскова, Општински еколошки инспектор, вели дека депонијата на олово-цинкова јаловина, од која ќе се изнесува техногената минерална суровина се наоѓа на државно земјиште и институциите се должни да го решаваат проблемот на таргетираната жешка точка. Но, локацијата на фабриката е приватна сопственост на „Метрудхем“, за која општинските власти имаа овластувања само да ја сменат намената.

„Општината Велес, кога се менуваше ГУП, имаше намера локацијата на зградите на Топилницата да ги пренамени во рекреативно зеленило. Но, Министерството за здравство не ни дозволи ниту да размислуваме за таква идеја, бидејќи ќе значеше дека на локацијата, која е многу загадена, да се движат, рекреираат и спортуваат луѓе. Тогаш, да се избегне потенцијалната опасност, пренамената е направена во заштитно зеленило, што значи треба да се претвори во шума“, вели Шуркова-Манаскова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...