И покрај тоа што за аерозагадувањето во Македонија премногу се зборува во јавноста, инвестициите во заштита на воздухот премалку ги има. Лани како трошоци и инвестиции за заштита на воздухот се регистрирани околу 8 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Притоа, индустријата и специјализираните производители низ целата земја во заштита на она што секојдневно го дишеме вложила 124.558.000 денари, односно нешто малку над 2 милиони евра.
Од овие средства, целокупната македонска индустрија лани во заштита на воздухот инвестирала само 83.278.000 денари или околу 1,3 милиони евра. Тука влегуваат и филтрите за заштита од испуштање на штетни материи во воздухот, како и сите други инвестиции што се однесуваат на емисии на стакленички гасови во атмосферата кои ги предизвикуваат климатските промени.
Кон ваквото ниско ниво на инвестиции за заштита од воздухот кај индустријата може да се надоврзат и статистичките податоци за плаќањата и надоместоците за извршените услуги за заштита на воздухот, кои во 2020 година изнесувале скромни 580.000 денари (околу 9.500 евра) кај приватниот сектор.
Податоците од претходните години покажуваат дека сепак во земјава лани се инвестирале повеќе средства во однос на претходните години. Па така, во 2019 година вкупните инвестиции и трошоци за заштита на воздухот изнесувале само 3,2 милиони евра, а една година претходно тие биле заокружени на 3,9 милиони евра.
Најголема вредност на трошоците и инвестициите за заштита на животната средина е забележана во 2014 година – 13,7 милиони евра, а забележливо е дека во овој период токму индустријата ги вложила речиси сите овие средства во функција на заштита од аерозагадувањето, како проблем со кој се соочува нашето општество.
Во развиените земји, а тоа ќе биде и еден од задолжителните критериуми на земјава за идно зачленување во ЕУ, заштитата на животната средина се спроведува преку принципот „загадувачот плаќа“, што подразбира дека трошоците и инвестициите во функција на чиста животна средина треба да ги сноси правното или физичкото лице коешто ја загрозува истата, односно во случајов коешто го загадува воздухот.