Дезинформациите се сеприсутен дел на политичкиот живот во целиот Западен Балкан, без исклучоци. Но, додека за дезинформациите често се говори во контекст на надворешни закани за функционирањето на властите и демократија, најголемите виновници за нивно продуцирање и штитење не се странски фактори. Во најголемиот број случаи станува збор за „домашни“ актери, а дезинформациите се најчесто само симптом, а не причина за длабоките пукнатини на социјалната кохезија и демократското владеење.

Во силно компетитивните политички средини, како Албанија, Косово и во некоја мера и Северна Македонија, дезинформациите се користат од сите страни и тоа со краткорочни цели, а не поради долгорочни стратегии. Присуството на длабоките етнички поделби, како во БиХ и Северна Македонија, поттикнуваат ксенофобни дезинформациски кампањи и од домашни и од странски чинители, се вели во студијата „Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them“ (Мапирање на лажните вести и дезинформациите во Западен Балкан и идентификување на научините за ефикасно спротивставуавање на нив) која ја објави Одделот за политики за надворешните односи на Европскиот парламент (ЕП), таа го опфаќа периодот од 2018 до 2020 година.

„Во Северна Македонија, скорешната промена на владата во голема мерка ги истисна дезинформациите од државните и мејнстрим медиумите кон маргините, но сепак тие остануваат моќна сила што ја нарушува внатрешната политика. Дезинформациите беа од критична важност во подривањето на учеството на референдумот за промена на името“, се изнесува во заклучоците на студијата.

Мета на дезинформациите е кредибилитетот на ЕУ

Понатаму се нагласува дека и домашни и странски чинители ги користат дезинформациите за да го подријат кредибилитетот на Европската Унија во Западен Балкан, засилувајќи ги и манипулирајќи со постоечките поделби меѓу „ЕУ идеалистите“, кои се посветени на европскиот идентитет и иднина на нивната земја и „ЕУ реалистите“, коишто можеби не се спротивставуваат на ЕУ интеграцијата, но не веруваат дека е таа многу веројатна.

„Иако и Кина и Турција се активни на ова поле, во напорите да се дискредитира ЕУ доминира Русија, која што има обемна инфраструктура за медиумски манипулации во регионот“, потенцираат авторите на студијата.

Како посебно плодна почна за дезинформациите се покажала и пандемијата на ковид-19.

„Владите од Западниот Балкан се обидуваа да ги фалсификуваат нивните постигања во справувањето со пандемијата, а други чинители, пак, внесуваа многу од лажните тврдења што се присутни пошироко. Покрај тоа, Кина, а во помала мерка Русија, ја користеа пандемијата за да си создадат предност кај јавното мислење, на штета на ЕУ“, се порачува во студијата.

Медиумската машинерија која премина во унгарски раце е посебно активна

Поспецифично, за Северна Македонија се посочува дека и во општеството и во политиката не недостигаат расцепи во кои „успешно се забива клинот на дезинформациите“, а кампањите со дезинформации што биле анализирани за целите на студијата изработена за Европскиот парламент, имале за цел да го засилат внатрешниот конфликт, (посебно меѓу етничките Македонци и етничките Албанци), потоа да им наштетат на меѓународните односи на земјата (посебно со Бугарија, Грција и и ЕУ), како и да се уништат или нарушат изборни процеси од критична важност – како референдумот за името во Северна Македонија.

„Невообичаено голем процент дезинформациски кампањи во Северна Македонија се фокусираат на меѓународните прашања“, посочува студијата.

Посебно внимание во неа се обрнува на промените на медиумската сцена во Македонија, односно влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во текот на неговото владеење со земјата, како и на унгарското влијание потоа.

„Во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, а посебно во последните години од тоа владеење, мејнстрим медиумите беа под цврста контрола на партијата и беа вклучени во речиси сите дезинформациски активности на партијата. Тие имаа за цел, главно, да се дискредитираат политичките противнци и да се промовираат националистички – и често антизападни – ставови. По промената на власта, главните телевизии ги сменија уреднички процеси и известувањет стана поизбалансирани и попрофесионално. Некои од некогаш истакнатите извори на дезинформации и кампањеи за оцрнување продолжија со активности, но главно без достап до мејнстрим медиумите и сега може да се видат на некои локални ТВ станици или на сопствени Југјутб канали, каде нивниот досег е значително помал.
Второ, во последните неколку години се случуваа растечки инвестициски активности од Унгарија на македонскиот медиумски пазар. Унгарци поврзани со провладиниот медиумски сектор во Унгарија купија неколку македонски медиуми што претходно беа во сопственост на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, (како телевизијата Алфа и порталите „Курир“ и „Република“), коишто претходно беа главните извори на провладина пропаганда. Откако ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, овие медиуми беа вклучени во бројни дезинформациски кампањи, со цел не само да се дискредитира власта на СДСМ, туку и да се подријат Преспанскиот договор и останатите евро-атлантски напори на земјата.
Македонските истражувачки новинари открија дека повеќе од 3,2 милиони евра беа внесени во македонскиот медиумски сектор главно преку сомнителни трансакции за маркетиншки услуги. Парите беа главно трансферирани од словенечки фирми во сопственот на унгарскиот државјанин Петер Шатц, кои има две медиумски куќи во Северна Македонија што добија пари за измислени реклами за маслиново масло имагнети за на фрижидер.
Се тврди дека овие инвестиции се дел од проектот на унгарскиот премиер Виктор Орган да го прошири медиумското влијание надвор од Унгарија во други земји каде би можеле да најдат одглас неговите евроскептични вредности за „нелиберална демократија“. Се вели дека овој проект ги вклучува не само Македонија, туку и Словенија и Обединетотот Кралство“, се посочува во студијата изработена за Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

НАТО и ковид-19 главни теми, дезинформациите доаѓаат и од „антиреферендумците“ и од Христијан Мицкоски

Во поглед на дезинформациските кампањи, посебно се посочува на оние околу референдумот за промената на името, потоа напади против НАТО, „дозачинети“ со анти-бугарски, анти-грчки и анти-албански сентименти, дека македонската младина ќе стане „топовоско месо“ во војните на НАТО и тврдењата дека НАТО ќе ја наметне 5Г технологијата, која наводно носи многу штетни последици за човековото здравје и јавната безбедност. Исто така, студијата посочува и дека се забележани и наводи за користење на ковид-19 како оружје од страна на соседни земји, вклучително Грција и Албанија.

Во изворите на дезинформациите во Северна Македонија, покрај некои медиуми, се посочени и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и експретседателот на партијата Никола Груевски.

„Дезинформациските кампањи во Северна Македонија имаат важни компоненти во социјалнитее медиуми – главно на Фејсбук, но и на Јутјуб и на Твитер – но сепак во критички голем дел се потпираат на традиционалните медиуми, главно локални медиуми и медиуми на заедниците, весници и периодични изданија, како и на телевизијата, за нивното ширење. Мејнстрим медиумите повеќе не се значително застапени меѓу најголемите дистрибуциски канали за дезинформации. Еден исклучок е ТВ21, која општо се прифаќа како високо квалитетна телевизија, но беше вклучена во дезинформации поврзани со ковид-19. Од другите големи дезинформациски канали, како што откри нашата анализа на социјалните медиуми, се вклучени и веб-сајтот Infomax.mk, профили на социјалните мрежи поврзани со кампањата за бојкот на референдумот, како и профилите на истакнати поединци, како опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, анти-западниот коментатор Миленко Неделковски и поранешниот премиер Никола Груевски“, се вели во студијата.

Таа, инаку, во поглед на состојбите на останатите земји од Западен Балкан, одбележуува дека во Албанија дезинформациите се сеприсутна одлика на домашните политички борби, но напорите се генерално опортунистички и кампањите се со краток век. Има многу малку докази за обиди од странски сили да се нарушат полтиката во Албанија или меѓународните односи.

Остатокот од Западен Балкан под значително влијание на надворешни фактори

За Босна и Херцеговина се потенцира дека дезинформациската сцена е доминирана од српски медиуми, често со поддршка од руски дезинформациски мрежи, а фокусот е на ксенофобијата.

„Босна и Херцеговина е сцена на обиди од голем обем да се дискредитира ЕУ“, стои во студијата.

За Косово се потенцира дека политиката е многу подложна на вести – и со тоа и дезинформации – од странство. Српските дезинфорамции играат голема улога, честопати со поддршка од руски дезинформациски мрежи, а во последно време интересите поврзани со администрацијата на Трамп влегуваат „во игра“, но има мал број докази за влијание во поглед на евро-атлантската ориентација.

Студијата посочува дека во Црна Гора руските и српските медиуми се силно присутни, посебно во врска со членството на земјата во НАТО и за државниот удар во 2016 година.

„Сепак, најголемиот број дезинформации, се главно домашни и беа важна алатка во внатрешната политичка броба – користена посебно од долгогодишната влава на ДПС за дискредитирање на нејзините противници“, се вели во заклучоците од студијата.

За Србија се посочува дека дезинформациите доминираат во натпреварот на политичките сили.

„Земјата доживеа значителни напори на владата да ги фалсификува своите напори во борбата против ковид-19, како и голема меѓународна кампања да се подрие поддршката за ЕУ и НАТО“, се вели во студијата изработена за европскиот парламент.