Во второто полугодие училиштата да користат субвенционирана струја, порачува МОН

Фото: Архива на Мета.мк

Има јавни основни и средни училишта кои сè уште ја немаат искористено поволноста за снабдување со субвенционирана електрична енергија, па затоа апелираме до раководствата на образовните установи и општините како нивни основачи, да ја реализираат оваа можност, соопштија денеска во Министерството за образование и наука. Оттаму потсетија дека второто полугодие од учебната година продолжува на 23 јануари.

„Со одлука на Владата, на предлог на министерството, второто полугодие од учебната 2022/23 година наместо на 18 јануари почнува на 23 јануари (понеделник), со физичко присуство за сите ученици. Зимскиот распуст е продолжен поради заштита на здравјето на учениците и заштеда на електрична енергија за греење“, наведено е во соопштението на МОН.

Со користењето на субвенционираната струја, велат во МОН, училиштата ќе ги намалат трошоците за електрична енергија и ќе се овозможи непречено одржување на настава со физичко присуство до крајот на учебната година.

„Одговорноста на секој чинител во реализацијата на воспитно-образовниот процес
придонесува за повисок квалитет на образованието“, се додава во соопштението.

МОН во ноември соопшти дека вкупно 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта добиваат поддршка од државата заради непречена работа.

„Владината мерка за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават/час е голема поддршка за непречено организирање на настава со физичко присуство“, рекоа во МОН.