Извор на фотографија: Фејсбук профил на Фудбалска федерација на Македонија

Македонија изгуби со 2:1 од фудбалската репрезентација на Украина на Европското првенство во фудбал. И покрај одличното второ полувреме коешто го одиграа македонските репрезентативци, сепак тоа беше премалку за да се анулира предноста од два гола што ја оствари Украина во првото полувреме. Со ваквиот резултат, шансите за македонската фудбалска репрезентација да оди понатаму во осминафиналето се сведени на теорија, под услов фудбалерите да ја победат холандската репрезентација на 21 јуни.

Украина во првото полувреме од натпреварот доминираше на фудбалскиот терен, што доведе до тоа резултатот да го отвори Јармоненко во 29-тата минута, а само пет минути подоцна Јаремчук зголеми на 2:0. Нападите на украинските фудбалери започнаа уште од самиот почеток, а одличната одбрана на македонскиот голман Столе Димитриевски спречи и поголем негативен резултат.

Во сосема спротивно светло одиграа македонските фудбалери во второто полувреме, што резултираше и со даден гол од Езѓан Алиоски, кој во 57-та минута го промаши досудениот пенал, но веднаш потоа поентираше со гол во мрежата на противникот. И покрај нападите кон противничката мрежа, македонските фудбалери не успеаа да постигнат втор гол за израмнување.

Голманот Столе Димитриевски на десетина минути пред крајот на натпреварот успеа да одбрани пенал досуден за украинската репрезентација, со што спречи уште повисок негативен резултат за нашите фудбалери.

Денешниот пораз на македонските фудбалери во Букурешт е втор по ред откако во првичниот натпревар Македонија изгуби од Австрија со 3:1. Последниот натпревар против Холандија, македонската фудбалска репрезентација го игра на 21 јуни во Амстердам.